23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНОТОП ВЕСТИ

Анкета на Агенција Рејтинг: 52,5% од граѓаните на Скопје се согласуваат дека состојбата во градот е подобрена во последните 4 години

Во рамки на редовните истражувања за потребите на Град Скопје, Агенција Рејтинг спроведе анекта за задоволството на граѓаните од работата на градската власт. Во рамки на истражувањето се мереше довербата на граѓаните во локалната власт на Град Скопје, клучните проблми со кои се соочуваат граѓаните, степенот на доверба во институцијата и градоначалникот, како и оценката за работата во поединечни области од ингеренција на градот. Истражувањето е спроведено по пат на телефонско интервју на репрезентативен примерок од 1200 испитаници во периодот од 10 до 15 септември.

Првото прашање се однесува на степенот на задоволство на граѓаните од насоката во која се движат работите во Град Скопје. На прашањето „Дали работите во Град Скопје се движат во правилна или во погрешна насока?“ најголем процент од анкетираните односно 43,5% од испитаниците рекле дека работите се движат во правилна насока, 38,2% во погрешна, 13,5% ниту во правилна ниту во погрешна насока, додека 4,8% не дале одговор.

Во локалната власт на Град Скопје имаат доверба 45,7% од анкетираните или речиси половината кои биле анектирани. На прашањето „Дали во локалната власт во Град Скопје имате доверба?, целосно или главно имаат доверба 45,7% од анкетираните, ниту имаат ниту немаат доверба 17,2% а главно немаат или воопшто немаат доверба 33,2%. Останатите 3,9% не дале конкретен одговор или одбиле да одговорат.

Многу слични се резултатите и до задволството од работењето на градоначалникот Петре Шилегов,. Имено на прашањето „Колку сте задоволни од работата на градоначалникот Петре Шилегов?“, 46,3% од анкетираните рекле дека се целосно или главно задоволни од неговата работа, 19,5% проценти рекле дека ниту се ниту не се задоволни, додека 29,7% рекле дека се главно или целосно незадоволни. Преостанатите 4,5% не дале одговор на ова прашање.

Граѓаните на Скопје како најголем проблем го посочуваат урбанистичкото планирање и уредување на градот, односнона прашањето „Кој е најголем проблем со кој се соочува градот?“, 19,2% го посочиле како прв проблем. Следи одржување на комуналната хигиена со 11,3%, инфраструктурата со 11,5% и проблемот со уличните кучиња кој како главен проблем го посочиле 8% до анкетираните.

Како најголем успех пак на градот во изминатите четири години анкетираните го сметаат вложувањето во инфраструктурата, реконструкцијата на улиците и булеварите како и градбата на новите мостови. Високи 29,7% од граѓаните ова го посочиле како најголем успех на Град Скопје, а следува подобрувањето на парковите и ново зеленило со 10,5%, набавката на нови Еко автобуси за кое 9,3% рекле дека е најуспешен проект на градот. Високо рангирани на листата се и изградбата на нови вело-патеки, уредувањето на кејот на Вардар, реконструкцијата на Универзална сала и вложувањата во Зоолошката градина и Дино паркот.

Со оглед на тоа дека завршуваат четири години од мандатот на актуелната локална власт во Град Скопје, се мереше и перцепцијата за тоа дали општата состојба во градот е подобрена во последните четири години. Па така, со ставот: „Состојбата во Град Скопје во последните четири години е подобрена“, целосно или главно се согласуваат 52,5% од анкетираните, ниту се согласуваат ниту не се согласуваат 16,1%, додека воопшто не се согласуваат или главно не се согласуваат 27,4%, останатите не дале одговор односно не можеле да оценат.