22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Зоран Заев од трибината “Патот до независноста”: Нашата земја, за разлика од другите југословенски републики, својата независност ја стекна без воени дејствија, по мирен пат

Денес, во 12 часот свое обраќање на трибината “Патот до независноста” имаше премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Следува целосното негово обраќање:

“Почитувани учесници на трибината „Патот до независноста“,

На почетокот сакам да ја изразам мојата благодарност за вашето учество на оваа дискусија со која ќе создадеме трајни записи за 30 годишнината од независноста на нашата земја.

Оваа година организираме повеќе настани посветени на најважните историски, политички и општествени аспекти од развојот на нашата држава во овие три децении.

Денешната дебата има за цел преку сеќавања, опсервации, размислувања и рефлексии од денешен аспект да ги сумира научените лекции, исходите и искуствата од соочувањето со предизвиците во деновите кога се подготвуваше теренот и народот за референдумот за прогласување независност кој беше апсолутно очекуван.

За мене е посебна привилегија што за оваа тема денеска се одзваа дел од директните актери кои во тој период, во 1990 и 1991 година зедоа учество во историски процеси кои судбински ги одредија идните настани.

Да не заборавиме дека тие години во нашата земја, се тесно поврзани со настаните на глобалната и регионалната политичка сцена од крајот на 80-тите, како на пример, падот на железната завеса и распадот на југословенската федерација.

Во такви околности сосема е очекувано настаните да бидат проследени со сериозни тенденции за турболентен развој на процесите и настаните, па дури и со немири или оружени конфликти.

За среќа, нашата земја во тој период помина без оружени конфликти. Секако, сѐ уште жалиме за младите кои во тие години ги загубија животите во униформите на ЈНА. На територијата на нашата земја воените судири беа избегнати.

На референдумското изјаснување беше поставено прашање кое гласеше: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Референдумското прашање беше израз на политичките односи и израз на компромис помеѓу македонските политички партии во државата после долги и жолчни дебати, но не и со консензус помеѓу заедниците.

Некои хроничари контроверзата во однос на референдумското прашање ја гледаа од аспект на посебната грижа за односите што ќе ги имаше тогашната Република Македонија со поранешните републики на Југославија и со остатокот од Југославија, наспроти внатрешните меѓуетнички односи. Најголемата заедница после македонската, албанската, тогаш инсистираше на референдумско прашање кое повеќе ќе ги дефинира внатрешните односи помеѓу заедниците во државата отколку односите со остатокот од Југославија.

Референдумското прашање превираше и меѓу Македонците. Во поголем дел на национално обоените политички партии и кај граѓаните блиски до нив, во вториот дел од прашањето кој гласеше „… со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“ гледаа скриена стапица државата повторно да се врати во прегратките на нешто што ќе остане од Југославија.

Мојата лична опсервација на овие контроверзи на референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања, кои беа врвен приоритет и на претседателот Глигоров кој беше свесен за пресудната улога на меѓуетничкиот соживот, како и зачувување на мирот во земјата.

На една таква предострожност повикуваа и искуствата и настаните од сите поранешни југословенски република кои прогласуваа независност и со тоа се соочија со воени дејствија кои однесоа многу жртви.

Јас тука ќе завршам затоа што на оваа наша дебата имаме луѓе сведоци на тие настани и политички предизвици и искушенија.

Непроценливо богатство е вашето сеќавање на тие настани, но уште повеќе и вашите опсервации од денешен аспект. Како изгледаат тие настани од денешна гледна точка.

Со задоволство ќе се препуштам на вашите дискусии.”, рече Заев.

Можеби ќе ве интересира

Зоран Заев: Нека ни е честит и вечен Денот на демократијата

M T

Новоизбраниот претседател на Владата Димитар Ковачевски ги презеде функцијата и кабинетот од досегашниот премиер Зоран Заев

M T

Заев: Божик повикува да продолжиме да ги негуваме заедничките вредности

M T

Заев додели 8500 признанија на здравствените работници

M T

Констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, почнуваат роковите за избор на нова влада

M T

Премиерот Заев доби плакета од студентите oд Универзитетот на Југоисточна Европа за поддршката и реализацијата на младинските политики

M T