22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Влада: Опозицијата да не шири лаги и омраза, не постои никаква владина програма за вработување лица од Авганистан, ова е акција за спасување животи

Владата вечерва реагираше на ставовите на поранешниот пратеник Илија Димовски кој беше гостин во Тема на денот во Дневникот на Сител. Во продолжение интегралната реакција:

Претставниците на опозицијата продолжуваат со ширење лаги кои поттикнуваат вознемирување и ксенофобија кај населението. Владата не ветувала програма за вработување на граѓаните кои бараат засолниште од хуманитарната криза во Авганистан.

Тоа не е точно, најостро ги отфрламе ваквите невистини, Владата е целосно фокусирана на обезбедување безбедност, здравствена заштита, храна и кров над глава за миротворното население од Авганистан.

Уште еднаш потенцираме дека станува збор за граѓани кои во Авганистан работеа за меѓународните демократски мисии и организации, новинари, активисти на организации за човекови права, како и за деца и членови на нивните семејства.

Во оваа хуманитарна мисија ангажманите за психо-социјална поддршка и за нормално функционирање на авганистанските граѓанин и за нивните секојдневни активности во македонското општество ќе биде целосно под координација на Црвениот крст и на меѓународните организации.

Токму меѓународните организации за чии мисии работеа овие организации во Авганистан ќе се грижат за социјалниот аспект од кризата во која се наоѓаат овие граѓани.

Не е точно дека Северна Македонија ќе има голем финансиски трошок од спасувањето на Авганистанците. Речиси сите трошоци сместувањето и за сѐ друго што е неопходно ги покриваат меѓународните организации.

Граѓаните од Авганистан за кои обезбедуваме живото-спасувачка мисија ќе бидат на привремен престој во Северна Македонија, се до нивниот трансфер до САД или до трети земји.

Апелираме до сите општествени чинители, а особено до политичките претставници на опозицијата да направат чекор и да преминат на страната на солидарноста, да поддржат спасување човечки животини и човечки судбини, да не шират дезинформации и да не предизвикуваат со тоа омраза кон демократските граѓани на Авганистан кои ќе пристигнат во земјава.

Северна Македонија е солидарно општество, ова се моментите кога заедно можеме да покажеме и пред себе, и пред сопствените граѓани и пред светот колку можеме да сме важни и вредни чинители на глобалната хуманитарна мисија.