22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шахпаска: 38 деца со интелектуална попреченост ќе ја добиваат услугата нега и рехабилитација во новиот Дневен центар во Општина Липково

Во новоизградениот специјализиран Дневен центар во с. Оризаре, 38 деца со интелектуална попреченост од општината Липково, ќе бидат подготвувани за соодветно вклопување во редовниот образовен систем. Подготовката ќе ја врши стручен тим составен од рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт.

Целта на предвидената индивидуална, групна и окупациска терапија на децата со попреченост, е од најмали нозе, тие да се стекнат и да ги развиваат вештините за секојдневниот живот. Децата ќе ги учат навиките за исхрана, хигиена и за одржување на сопственото здравје но ќе ги стекнуваат и воспитните, социјални, културни и рекреативни активности. Во Центарот ќе бидат организирани и советувања и работилници за помош на родителите на овие деца.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, рече дека преку Дневниот центар и најмалите, реално ќе ги почувствуваат социјалните реформи што ги презема Владата.

„Целта на социјалната реформа е да се приближат социјалните услуги до корисниците, до граѓаните. Да се зголеми опфатот на граѓаните кои влегуваат во системот на социјална заштита, да се подобри квалитетот на социјалните услуги, а со тоа се подобри и нивниот живот. Дополнително да се намали невработеноста и да се подобри животниот стандард на сите граѓани“, рече министерката Шахпаска.

Таа изрази задоволство што Општина Липково добива нов Дневен центар за деца со попреченост со капацитет за 38 деца со попреченост на возраст од 2 до 14 годишна возраст. Суштината на ваквите реформи, посочи таа е да се поддржат ранливите категории, во случајот децата со попреченост“,рече министерката Шахпаска.

Mинистерката Шахпаска денеска на здружението Имаго плус, им ја предаде дозволата за вршење дејност од социјална заштита за услугата нега на деца со попреченост.

Градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи рече дека како локална заедница сме горди што ја преземаме одговорноста за грижата за децата со попреченост од нашата општина.

„Тие и нивните родители отсега нема да мораат да патуваат до градовите за да ја добијат неопходната нега. Дополнително, ние најдобро ги познаваме специфичните проблеми со кои се соочуваат овие семејства, па верувам дека помошта што ќе ја добиваат во новиот Дневен центар во Оризаре ќе биде уште поквалитетна од таа што им беше достапна досега“, рече градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи.

Претседателката на Здружението Имаго плус Земријет Бела Весели, рече дека постојано ги надградува вештините и стручноста во работата со децата со попреченост и нивните родители.

„Сигурна сум дека Дневниот центар и нашиот стручен тим ќе направат исчекор во квалитетот на услугата за децата – корисници на услугите на центарот. Дополнително, на нивните родители ќе им го пренесеме нашето знаење, сѐ со цел, нивните деца да постигнат што поквалитетен развој и подготовка за понатамошниот живот“, рече Земријет Бела Весели.

Според координаторот на Дневниот центар, Аринета Нухија, „нема поголема привилегија од таа да му се помогне на оној кому таа помош му треба. Кога станува збор пак, за децата, возвратниот ефект е уште поголем, зашто најчесто пред вас се случува позитивен напредок кој го гледате и ве исполнува со радост и гордост. Со нетрпение ги очекуваме децата во Центарот“.

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се 19 проекти во 24 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Една од главните цели на социјалната реформа е услугите да им бидат полесно достапни и на корисниците од руралните и најоддалечени региони во државата.

Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.

Можеби ќе ве интересира

4 хороскопски знаци кои се најпопустливи родители: Тие ја играат улогата на „добриот полицаец“

M T

МВР: Да ги заштитиме децата во сообраќајот! Безбедноста зависи од сите нас!

M T

Возачите да бидат внимателни, а децата запознаени со сообраќајните правила, апелира советот за безбедност во сообраќајот

M T

НЕМА ВЕЌЕ ДИЛЕМА: Психолозите открија кој повеќе ги нервира жените – сопругот или децата?

M T

ОВИЕ ПАРОВИ ЌЕ ИМААТ НАЈУБАВИ ДЕЦА: Еве ги трите комбинации на знаци

M T

„ПОТОЧИЊА 2022“ на 18 и 19 јуни во Филхармонија!

M T