Во рамки на редовните работни состаноци за следење на имплементацијата на активностите кои се дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА), денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со државната секретарка Магдалена Несторовска, учествуваа на онлајн состанок со претставници на Делегацијата на Европската Унија, предводени од Никола Бертолини, раководител на Одделот за соработка.
На состанокот беше разгледана досегашната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Делегацијата на Европската Унија во делот на спроведувањето на проектите финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), во кој Министерството е краен корисник. Од страна на Никола Бертолини беше изразено задоволство од постигнатите резултати во рамки на проектите што во моментот се спроведуваат во Министерството.
За време на состанокот беа разгледани и прашањата поврзани со спроведувањето на дел од активностите во рамките на ИПА проектите. Министерот Спасовски истакна дека Министерството за внатрешни работи е подготвено да ги преземе обрвските во рамките на неговите надлежности, со цел да се обезбеди успешна имплементација и спроведување на предвидените активности и резултати, со што ќе се обезбеди и одржливост на проектите финансирани преку овој инструмент.
Покрај проектите кои моментално се во имплементација, соговорниците разговараа и за статусот на ИПА III програмата. Министерот информираше дека во моментов во тек е подготовка на неколку проекти во рамките на оваа програма, кои што ги таргетираат приоритетите во областа „Внатрешни работи“.
На крајот од состанокот министерот Спасовски, во име на Министерството за внатрешни работи, се заблагодари на Делегацијата на ЕУ за досегашната поддршка и потенцираше дека таа е од исклучителна важност за Министерството, кое е подготвено да ги стави на располагање сите ресурси, со цел максимално и рационално искористување на финансиската поддршка која е наменета за постигнување на европските стандарди во полициското работење.