23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНОТОП ВЕСТИ

Шилегов за „Слободен Печат“:  БРТ системот ќе се користи наредните 100 години, а чини колку и набавката на двокатните автобуси кои не издржаа ниту една декада

Во својата најнова колумна за „Слободен Печат“ „Со брзиот автобуски превоз Скопје пишува нова историја“, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов изразува жалење што опозицијата одби да учествува на експертската дебата за БРТ системот:

„Многу ми е жал што опозицијата одби да биде дел од иднината на нашиот град и не учествуваше на експертската дебата за БРТ системот. Наместо да се вклучи во дебатата и да покаже грижа за градот, опозицијата одлучи да го нападне БРТ проектот со несериозни и фалични аргументи во паушално соопштение.“

Според Шилегов, првиот фаличен аргумент на опозицијата е дека БРТ проектот бил многу скап за град Скопје: „Проектираната вредност за двете рути на БРТ е околу 70 милиони евра, за набавка на нова флота еколошки автобуси, модерни автобуски станици и две автобуски депоа. Еден еко-автобус сега заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво, во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси, а заштедата од новата флота еко-автобуси ќе биде уште поголема. За разлика од старата флота која создава премногу трошоци, загуби и штетни издувни гасови, новата флота еко-автобуси дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП и загадувањето на животната средина преку издувни гасови. БРТ системот е стратешки проект кој ќе се користи во наредните 100 години, а чини колку и набавката на двокатните автобуси кои не издржаа ниту една декада.“

Според Шилегов, вториот фаличен и несериозен аргумент на ДПМНЕ е дека „системот за сообраќање на БРТ автобусите е неефикасен затоа што автобусите ќе се движат на секои 3 минути“: „Па, зарем може некој да поверува во ваков несериозен аргумент? Ако има автобуси на секои три минути, тоа значи дека БРТ системот ќе биде многу поефикасен од сега.“

Третиот фаличен аргумент, според Шилегов“, е дека ќе се загрозело водоснабдувањето на Скопје и централното зеленило на „Партизанска“: „Зарем некој може да поверува во тоа дека постои намера да се загрози водоснабдувањето во Скопје? Веќе укажав дека најголемиот број дрвја кои сега се наоѓаат во жардинерите ќе се пресадат. Ќе направиме сè не само да го зачуваме зеленилото, туку и да го дуплираме на новите зелени градски коридори“.

Шилегов ги критикува ВМРО-ДПМНЕ дека 30 години само говореле за нов градски транспорт, но никогаш не го реализирале: „За разлика од лажните ветувања на ДПМНЕ, Град Скопје годинава го воведува БРТ системот на брз автобуски превоз и тој по 40 години станува реалност за скопјани. Со БРТ – Скопје веќе станува нов почист град и нова приказна. Скопје веќе не е „шампион во аерозагадување“, туку лека полека фаќа приклучок со другите зелени престолнини во Европа.“