Под мотото „Мој данок, моја заштеда“ секој граѓанин ја согледа важната улога и одговорност која ја има во овој процес, а тоа е активно да учествува во намалувањето на неиздавањето на фискалните сметки со тоа што како партнер на УЈП ги пријавува ваквите појави, рече Сања Лукаревска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) на денешната прес-конференција по повод ,,Две години МојДДВ со граѓаните”.
-Благодарение на „МојДДВ“ едно четиричлено семејство може да врати до 28.000 денари годишно во својот семеен буџет, рече таа.
Таа посочи дека за време на тешката економска и здравствена криза предизвикана од Ковид-19 преку „МојДДВ“ 5.537 граѓани својот поврат во износ од 5,8 милиони денари го донираа во здравствениот сектор.
-Апликацијата „МојДДВ“ е достапна на сите смарт мобилни телефони, 10 киоск апарати и 36 бар код читачи во даночните канцеларии на УЈП. Трендот на раст на корисници за нас како институција е доказ дека сме направиле добра работа, потенцира Лукаревска.