23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАБИЗНИС

Склучен Меморандум за соработка меѓу Народната банка и Економскиот факултет – Скопје при УКИМ

Народната банка и Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја засилуваат соработката со заеднички вложувања во истражувањата и во натамошен квалитетен кадар во економската сфера, подготвен за предизвиците на новото КОВИД и пост-КОВИД време. Соработката ќе се остварува и при конципирањето нови студиски програми, со активна вклученост на Народната банка во однос на знаењата и вештините во делот на монетарната и макроекономската политика и банкарскиот систем. За оваа цел ќе се организираат и тркалезни маси, советувања и други форми на дискусија на експертско ниво. Вработените во Народната банка ќе изведуваат настава во својство на гости предавачи на Економскиот факултет.

Ова е дел од предвиденото со Меморандумот за соработка во областа на едукацијата и истражувањето меѓу Народната банка и Економскиот факултет – Скопје при УКИМ склучен вчера.

„Актуелната глобална криза уште еднаш укажа на неопходноста од продлабочување на соработката меѓу носителите на политиките, научните и високообразовните институции. Нѐ радува што со Економскиот факултет ја споделуваме цврстата определба за ваквите вложувања и верувам дека ќе ги постигнеме заедничките цели, коишто заедно со вложувањето во знаењата и вештините на новите кадри, на среден рок се и вложување во зголемена продуктивност на економијата. Но, подеднакво е важна и соработката во истражувањата, размената на експертски мислења, вклучително и консултации и експертизи при проекти. Затоа ме радува што со овој меморандум предвидуваме и вклучување на истражувачите од Факултетот во истражувањата на Народната банка. Пост-КОВИД периодот ќе отвори многу прашања и предизвици за сите чинители на економската стварност и подготвеноста и решеноста за ваквата соработка меѓу носителите на политиките и научните и високообразовните установи ќе биде предуслов за да се одговори на нив.“ – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по потпишување на Меморандумот.

„Со својата 70-годишна традиција на посветеност и извонредност во своето работење, преку градење и продлабочување на соработката со исклучително значајни институции во нашата држава, Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постојано се стреми за исполнување на своите залагања за создавање трајни вредности кои ќе влијаат врз општествените текови и ќе направат разлика давајќи свој придонес во градењето на еден одржлив систем во кој ќе бидат препознаени знаењето, посветеноста и професионализмот како одредници за успех во работењето. Во таа насока, за нас како институција е од огромно значење што ја официјализиравме соработката со Народната банка на Република Северна Македонија преку потпишување на овој Меморандум за соработка, што е своевиден доказ дека и двете институции имаме иста цел, а тоа е да градиме успешна иднина преку заемно споделување на богатото искуство на двете страни, од што полза ќе имаме и ние како потписници и реализатори на договорените активности и можности за соработка, и нашите вработени, студенти и соработници, а со тоа и општеството како жив и динамичен организам. Исклучителната можност вработени во Народната банка да бидат гости предавачи во рамки на наставата, отвореноста на Народната банка за учество при конципирањето на нови студиски програми за потребите на монетарната и макроекономската политика и банкарскиот систем што е предвидено да се остварува преку средби, тркалезни маси, советувања и други форми и можноста за експертски консултации во функција на работа на проекти во интерес на двете страни потписници е она што за нас како Економски факултет – Скопје претставува вистинска додадена вредност во спроведувањето на нашите идни активности. Воедно, како реномирана високообразовна институција – „расадник на знаење“ сме особено почестени што ќе имаме можност да придонесеме во работата на Народната банка, овозможувајќи слободен пристап на нејзините вработени до нашите капацитети ‒ библиотеки, ЕУ инфо-центарот и до базите на списанија, истовремено нудејќи им можност за посета на обуки, работилници, семинари организирани според нивните потреби во специјализирани области. Убеден сум дека како до сега, така и во иднина нашата соработка ќе покаже и ќе докаже дека само со заедништвото и преку споделување и размена на искуства е можно да се оди напред, во нови предизвици и успешни проекти“ – изјави деканот на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ, проф. д-р Предраг Трпески.

Инаку, со Меморандумот се предвидува и соработка при организација на конференции и работилници и соработка во обезбедување експерти за спроведување на процесот на евалуација на истражувачки проекти.

Меморандумот веќе стапи во сила, а е со времетраење од пет години, но како што беше посочено и на настанот, пред сѐ важна е подготвеноста и решеноста на двете институции веднаш да се отпочне со активности коишто ќе значат негова практична имплементација, бидејќи се очекува од нив да има придобивки целата економија.

Можеби ќе ве интересира

Ангеловска-Бежоска: Народната банка е столб за одржување на финансиската стабилност

M T

ЕК: Банкарската регулатива и супервизијата што ја спроведува Народната банка е во согласност со највисоките европски стандарди

M T

Светска банка: Народната банка активно ја унапредува регулативната рамка за ефикасен и сигурен банкарски систем

M T

Ангеловска-Бежоска ‒ Азески: Мерките спроведени од Народната банка го ублажија ударот на пандемијата врз економијата

M T

Народната банка ги претстави макроекономските проекции пред меѓународната заедница

M T

Директорот на Одделот за статистика на ММФ: Во последните две години, Народната банка оствари исклучителни успеси во сферата на статистиката

M T