24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Мијалков останува во притвор, судот не ја прифаќа понудената гаранција од 11 милиони евра

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено мислење од надлежното обвинителство, за укинување на мерката притвор за Сашо Мијалков со замена за парична гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован, информираат од Кривичниот суд.

Вчера беше објавено дека Обвинителството дало позитивно мислење за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да излезе од притвор од затворот во Шуто Оризари, бидејќи смета дека понудената гаранција од 10.871.170 евра е доволна за тој да не избега.

Кривичниот совет во Основниот кривичен суд во Скопје, сепак, не се согласува со проценктата на Обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранцијата.

„Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека сè уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна“, велат од судот.

Од таму посочуваат дека ова решение не е правосилно, односно против истото странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд во рок од 3 дена по приемот.

Во изминатиов период додека е во притвор, за Мијалков беа донесени две пресуди кои не се на сила. За предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на незаконскато масовно прислушување, доби 12-годишна затворска казна, додека за случајот „Трезор“, кој се однесува на нелегална набавка на софтвер за следење на комуникации, судот му одреди 8 години затвор.

Поранешниот шеф на УБК во моментов издржува притвор за случајот „Трезор“.

„На постоење на опасноста од бегство, заради која мерката притвор беше предложена од обвинителот и прифатена од судот, упатува и фактот дека обвинетиот по определување на мерката куќен притвор во предметот ‘Таргет-Тврдина’ повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогон, што води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на мерката притвор, може повторно да биде недостапен на органите на прогон“, образложуваат од судот.

Инаку, засега сè уште нема детали од Обвинителството за предистрагата поврзана со исчезнувањето на Мијалков, што се случи пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“. Откако исчезна, тој самиот се појави и тврдеше дека бил болен.