26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Владиното рекламирање ќе остане забрането, ќе се дозволат само кампањи од јавен интерес

Владата нема намера да ги финансира медиумите преку владино рекламирање, како што тоа го правеше претходно ВМРО ДПМНЕ. Владата има иницијатива да направи законски измени во сегашниот член 102 и од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој забранува целосно владино рекламирање во медиумите, но при тоа измените да направат дистинкција од владиното до кампањите од јавен интерес.

За да спречи корупција во медиумите СДСМ реагираше со измени во законот кога дојде на власт и целосно забрани владини реклами во медиумите. Но сега, особено заради претстојниот процес на имунизација, се појавува потреба од нови измени во законот, односно владиното рекламирање како такво да остане и понатаму забрането, но да се овозможат кампањи од јавен интерес. Соочени со бројките од некои анкети, кои покажаа дека половината од населението е против вакцинирање, се наметна потребата од едукативна кампања преку која ќе се подигне свеста кај населението за да сфати дека вакцините се безбедни и дека се од полза ако ги примат во што поголем број.

Од страна на Македонската медиумска асоцијација на националните терестријални телевизии (ММА). информираат дека, земајќи го предвид речиси едногодишното живеење и работење во услови на пандемија, ја подржуваат Владата во однос на нивната иницијатива за измена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се забранува какво било користење на буџетски средства за какво било информирање преку приватните радиодифузери.

„Земајќи ја предвид позитивната европска пракса, која дозволува и препорачува емитување на непартиски кампањи од исклучителен јавен интерес, како што се на пример кампањите за заштитните мерки од ковид-19, во смисла на држење дистанца, носење маски и слично, сметаме дека, како европската, така и домашната јавност мора на вистинит, но и навремен начин да биде информирана за теми и прашања од исклучителен јавен интерес кои имаат директен ефект врз македонските граѓани како на пример: антикорупција, борба против дезинформации и лажни вести, интеграција на земјата во ЕУ, борба за чист воздух…“ – се наведува во известувањето од ММА.

Асоцијацијата на национални терестријални телевизии, се вели во известувањето, бара од Владата да подготви предлог измена на членот 102, што потоа ќе го достави до Собранието, по што очекуваат законодавниот дом да ја обезбеди посочената измена предложена од Владата. Ова значи дека Владата ќе може, доколку се направат законските измени, да финансира кампањи во медиумите за подигање на свеста за вакцинацијата, кампањи за безбедност во сообраќајот, кампањи за борба против корупција и други кампањи поврзани со јавниот интерес.