23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Паднаа службеници во МВР: Обвинение против 36 лица за издавање дозволи без положен возачки испит

Скопското Основно јавно обвинителство поднесе обивинение против 36 лица, од кои петмина се товарат за продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластувањето, а другите 31 за поттикнување при извршувањето на тоа кривично дело.

Како што информираат од Обвинителството, петтемина обвинети, вработени во одделот за граѓански работи при МВР, во повеќе наврати ги искористиле својата службена положба и овластувањето.

Имено, во периодот од 26 ноември 2019 до 19 мај 2020 година, поттикнати од другите обвинети, тие пополнувале барања за издавање возачка дозвола, во кои внесувале невистинити податоци, ги пуштале во процедура, вршеле одобрување и издавале возачки дозволи.

На овој начин им овозможиле на подносителите да стекнат возачки дозволи од Б-категорија иако не ги исполнувале условите за тоа, односно немале положено возачки испит.

За првоосомничениот, за кого во текот на претходната постапка била определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител доставил предлог за продолжување на притворот.

Со претходната постапка во овој предмет биле опфатени уште три лица вработени во одделението за управни работи при МВР, но со направените проверки не се утврдило дека тие презеле незаконити дејства.

Од тие причини јавен обвинител донел решение за отфрлање на кривичната пријава против тие три лица.​