Еден од првите потези на Владата на СДСМ, во 2018 година, беа измените во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со кои во членот 102 се предвиде забрана за медиумско рекламирање на државни институции, односно на нивните услуги и активности. Оваа забрана Владата избра да ја донесе како дел од генералната политика, прво за создавање објективни медиуми, финансиски независни, и второ, како дел од политиката за транспарентност. Секако, и под влијание на сето она што претходно се случуваше кога Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ корумпираа медиуми, па им кешираа на телевизиите износи од десетици милиони евра под изговор дека рекламираат активности на Владата корисни за граѓаните. Но, тогаш таквата коруптивна стратегија на власта значеше и влијание во содржината на вестите и на програмата, но и поставување на свои новинари низ редакциите, за полесна узурпација на етерот.- објавува во својот текст порталот Нова ТВ.
Ако ја следиме анкетата на Советодавната група за јавна политика „Балкан во Европа” (БИПАГ) објавена деновиве тогаш повеќе од половина од населението во Северна Македонија нема да се вакцинира. Така одговориле граѓаните на прашањата во анкетата. Сите оние кои одговориле дека нема да учевствуваат во имунизацијата веруваат во теории на заговор, што од една страна е загрижувачки затоа што тоа го покажува степенот на свесност кај луѓето, а од друга, затоа што толку висок процент на граѓани кои не сакаат да се вакцинираат е сериозна закана да немаме успешна имунизација, за која, според лекарските и стручните препораки за да биде успешна неопходно е вакцината да ја примат околу 70 отсто. Ако реалната ситуација на терен се соочи со овие бројки тогаш имаме сериозен проблем, кој секако мора да се надмине со стратегија, информирање, едукација и јавно издигнување на прашањето во приоритетно.
За да имаме висок процент на население кое ќе се вакцинира прво мора тој процент да се обезбеди, а тоа е можно само со постојана кампања во која ќе се вклучат здравствени работници, научници, јавни личности и сите они кои имаат некакво општествено влијание, со крајна цел барем 20 отсто од населението да го смени ставот и да се приклучи во процесот на имунизација. Ова е прашање од јавен и национален интерес, од кое зависи здравјето на сите, но и понатамошниот развој на здравствениот систем, па и на општата економија. Ова е своевиден тест на зрелост за секоја држава, особено за тоа колку има одговорно и едуцирано население. За почеток, бројките се поразителни за нас, но до стартот на имунизацијата има време да се смени сликата и бројчаната предност кон оние кои сакаат да се вакцинираат и кои сметаат дека тоа е единствениот излез од пандемијата.