„За нас како МТСП има два приоритети во менаџирање на кризата, зачувување на секое работно место и грижа за најранливите категории на граѓани. Според податоците на Државниот завод за статистика во третиот квартал од 2020 година, стапката на невработеност изнесува 16,5% што споредено со истиот период од 2019 година е намалена за 0,6 процентни поени. Само за потсетување, кога почна кризата имавме стапка на невработеност од 16,2 проценти. Што покажува дека политиката за зачувување на работните места даде резултати.- говореше министрката за труд и социјала, Јагода Шахпаска, на конференцијата „Социо- економско влијание на ковид 19“, во организација на УНИЦЕФ и на Finance Think.
Таа истакна дека мерките за помош на граѓаните и на стопанството се креираат според ситуацијата на пазарот и ја нагласи важноста на четвртиот пакет економски мерки.
„Како Влада внимателно ја следиме состојбата на пазарот на трудот и врз основа на тоа се моделираат мерките кои се во насока на зачувување на работните места, стимулирање на економијата. На пример четвртиот пакет на мерки со кој се обезбедува финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза, за исплата на платите за месец октомври, ноември и декември е скалесто димензиониран во зависност од процентот на намалување на приходите. Ваквиот пристап е резултат на научена лекција и врз основа на процес на консултации со коморите, работодавачите, синдикатите, експертската јавност, како Економско социјалниот совет.“- рече министерката Шахпаска.