24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заврши владината седница – Донесени серија важни одлуки

Владата ќе достави до Собранието предлог за продолжување на кризната состојба; Со посебни протоколи ќе се отворат скијачките центри; Се зголемува бројот на стипендии за социјална поддршка на ученици и за ученици со попреченост, се само дел од одлуките од 25-тата седница.

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 25-та седница го усвои предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го утврди текстот на Предлог – одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија.

Со оваа предлог-одлука се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 30 јуни 2021 година.

Владата го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести дека скијачките центри може да работат согласно соодветен протокол со пропишани превентивни мерки во услови на пандемија од КОВИД-19, имајќи предвид дека скијачките центри не располагаат со затворени гондоли на жичарите.

Владата ги прифати и препораките на Комисијата во однос на Протоколот за безбедносни мерки КОВИД-19 за Ски Центри во Република Северна Македонија за измени во однос на обезбедување на редарска служба пред билетарите и ски лифтовите, задолжително обезбедување на физичко растојание од 1,5 – 2 метри и пред билетарите (како пред жичарите и ски лифтовите), ограничување на работа на угостителските објекти на терените само на отворен простор и со шалтерска продажба со прибор за еднократна употреба.

На денешната седница Владата го прифати заклучокот на Комисијата за заразни болести, дека овластените оператори за погребални услуги се должни да го применуваат соодветниот наменски Протокол за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со мртво тело во контекст на КОВИД-19, во кој не е правно нормирано дека постапувањето со тело на умрено лице кое починало од заразната болест КОВИД-19, се врши во затворен и залемен метален сандак.

Воедно, со овој заклучок Владата наведува дека подготовка, завиткување, транспорт и закопување на мртво тело кое починало од заразната болест КОВИД-19 не е утврдено дека се врши во затворен и залемен метален сандак ниту во Правилникот за условите и начинот за закопување, ископување и пренос на умрено лице.

Согласно протоколот и правилникот, ексхумацијата на починатите е дозволено, но не порано од една година.

Владата на Република Северна Македонија на денешната 25-та седница го донесе Протоколот за одржување настани со медиумско присуство во услови на пандемија предизвикана од коронавирусот.

Овој протокол го уредува медиумското присуство на јавни настани, односно обврските кои организаторот треба да ги преземе за да обезбеди безбедна и непречена работа на медиумските работници а воедно и на сите присутни.

Протоколот содржи два дела, општи генерални насоки кои се однесуваат на сите јавни настани на кои организаторот предвидува медиумско присуство, и посебен дел кој се однесува на настани кои се во организација на владини институции, односно на истите има присуство на владини претставници.

Заради потребата од активности за навремено, постојано и веродостојно информирање, со цел спречување и оневозможување на создавање и ширење дезинформации, а со крајна цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата од КОВИД-19, Владата денеска донесе заклучок, врз основа на препораката на Главниот штаб за управување со кризи, да ги задолжи сите државни институции, органи на централната власт, јавни претпријатија основани од државата како и акционерски друштва во државна сопственост во рамките на своите надлежности со засилен интензитет да обезбедат навремено и веродостојно информирање на граѓаните за мерките за заштита на населението од КОВИД-19, за состојбата во државата во различните ресори предизвикана од пандемијата, како и за мерките за справување со кризата предизвикана од пандемијата.

Дополнително, Владата го задолжи Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, во соработка со Секторот за односи со јавност на Владата, до обезбеди дневно информирање на јавноста за активностите кои произлегуваат од кризната состојба во Република Северна Македонија.

Владата го задолжи секое министерство да ги обнови секциите за информирање за КОВИД-19 на своите веб страници и на другите канали за комуникација.

На предлог на Министерството за здравство, на оваа седница е утврден предлог законот за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“.

Со овој закон се уредуваат постапката и условите за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби како градби од значење за Републиката.

Со предложените решенија ќе се овозможи унапредување на ефективноста и ефикасноста на терциерното здравство во земјата преку реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ и ќе се обезбеди континуитет во обезбедувањето на високо квалитетни здравствени услуги за населението на целата држава.

Предлог законот опфаќа и реализација на дополнителни инфраструктурни услови за третман и сузбивање на заразни болести и инфекции заради заштита на населението од заразни болести, оптимизација на времето, трошоците или другите ресурси со цел ефикасна реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ преку посебни услови и постапки за доделување на договори за јавна набавка на стоки, услуги и работи за потребите на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“, како и други прашања уредени со овој предлог закон.

Предлог законот за проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ утврдува дека финансиските средства за реализација на овој болнички комплекс ќе се обезбедат од Буџетот на Република Северна Македонија.

Владата денеска донесе одлука на Собранието да му го предложи на усвојување Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Развојната банка на Република Северна Македонија со кој ќе се активира мерката за воспоставување на државна гарантна шема преку оваа банка во рамките на третиот и четвртиот сет на економски мерки за ревитализирање и рестарт на економијата во услови на КОВИД-19 донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија во мај и септември 2020 година.

Целта на оваа мерка е да се олесни пристапот до финансиски средства за микро, мали и средни компании, во услови на отежнато работење и намалени приходи и ликвидност како последица од пандемијата КОВИД-19.

На оваа седница Владата ја усвои Програма за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2020 година, која оваа година е во висина од 30.000.000 денари за поддршка на печатењето и дистрибуцијата на печатените медиуми во знак на поддршка на плурализмот во сферата на медиумите.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од раскинување на Договорот за доделување на државна помош, и на Анексот на Договорот за доделување на државна помош, склучени помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД СКОПЈЕ, и донесе Одлука за едностран раскин на овие договори заради фактот дека не се постигна согласност за создавање правна основа за оваа државна помош.

Согласно оваа одлука ТЕ-ТО е должно да го плати долгот кон УЈП, со заклучок на Владата доколку во рамките на законската рамка постои можност и се постигне договор, долгот да биде исплатен на рати.

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 25-та седница го именуваше поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник на нашата земја за Бугарија.
Именувањето е со мандат од една година, а целта да се назначи специјален претставник е да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство.

Владата денеска донесе одлука за изменување на Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2020/2021 година, со која се зголемува бројот на стипендии за социјална поддршка на ученици од 400 на 544, бројот на стипендии за ученици со попреченост од 100 на 106 и стипендии за електро-техничка струка, односно сектор електро-техника, од 9 на 23.

На оваа седница на Владата, за заменик-директор на Агенцијата за национална безбедност го назначи Бесник Ферати, кој и досега работеше во АНБ.

На предлог на претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, Владата денеска донесе одлука со еднократна парична награда во висина од 30.000 денари да бидат наградени 7 пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување заради нивниот посебен ангажман во пронаоѓањето, отстранувањето и уништувањето на преку 7.000 парчиња, или 52 тона гранати кои беа пронајдени на 27 октомври во близина на Градскиот стадион во Битола.