23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

21-годишник обвинет за пет кражби, меѓу украдените предмети 29 таблет уреди и 15 литри зејтин

Против 21-годишен скопјанец е поднесено обвинение за сторени четири кривични дела – тешка кражба, како и едно кривично дело – кражба.

Како што информираат од Обвинителството, разбојникот на 17 октомври, насилно провалил во просториите на невладина организација на улица „Вашингтонска“, од каде одзел 28 таблети, еден лаптоп компјутер, една панелка за греење, две греалки, електричен бокал и три пакети со прехранбени производи, во вкупна вредност од 232.200 денари.

Во временски период меѓу 20 и 22 октомври, насилно отворајќи го прозорецот од бањата, провалил во куќа на еден оштетен на улица „Црноок“ и одзел четири теписи, 15 литри зејтин и еден фен за коса, во вкупна вредност од 27.400 денари.

На 28 октомври, на сличен начин, обвинетиот влегол во куќа на улица „Вашингтонска“ од каде одзел телевизор вреден 15.000 денари.

На 30 октомври од друга куќа на истата улица одзел таблет – смарт пад, вреден 6.000 денари и избегал.

Обвинетиот на 3 ноември, го искористил невниманието на еден оштетен кој бил во фризерски салон на улицата „Индира Ганди“, па од дворот на фризерницата му го украл електричниот тротинет вреден 30.000 денари.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.​​