Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци, постапи мудро што го одложи протестот пред седиштето на ВМРО ДПМНЕ затоа што постоеше реална закана од судир на граѓани, оние кои што би присуствувале за да изразат незадоволство од политиката на Христијан Мицкоски со оние кои би застанале во одбрана на актуелниот лидер.
Со цел да се избегне физички контакт помеѓу поделените табори, но и насилство од поголеми размери, Јанчев избра да го стави протестот во мирување, но тоа не значи дека тој се откажува од последната цел – да го собори Мицкоски од тронот и да ја преземе партијата. Тоа што Јанчев го откажа протестот ни малку не ја сокрива внатрешната поделба и постојани конфликти во редовите на ВМРО ДПМНЕ. Веднаш по поразот на паралементарните избори во јули, видни членови на партијата јавно го повикаа Мицкоски да си поднесе оставка затоа што лидерот самиот изјавуваше дека ќе замине ако ВМРО ДПМНЕ претрпи пораз.
Соочени со реалноста дека Мицкоски нема да се повлече, особено ако се знае дека по изборите тој направи кадровски смени преку кои си ја бетонираше претседателската функција, многумина поранешни функционери во партијата јавно повикаа на негова оставка. Сега Јанчев е тој што го создава последниот удар против Мицкоски, па деновиве го актулизира прашањето во јавноста.
Во последните јавни настапи Јанчев директно зборува за штетните политики на Мицкоски кои се однесуваат и на самата партија, но и на државата. Јанчев повика во иднина претседателот на партијата да го избираат членовите, а не само делегатите кои гравитираат околу лидерот и секогаш му го чуваат грбот. Ваквата идеја на Јанчев и исто како онаа на СДСМ, уште на пролет се очекува партијата на Зоран Заев својот лидер да го избере на непосредни избори преку гласови на членовите.
Како и да е, денешната ситуација со откажување на протестот потсетува на најмрачните времиња од владеењето на Никола Груевски, кога ВМРО ДПМНЕ организираше контра протести на буквално секоја политичка или граѓанска реакција, а препознатливи беа и по стилот да контролираат ситуации преку медиумски хушкања и закани. Сега Мицкоски уште еднаш покажа дека ништо не е различен од Груевски и дека е подготвен и на насилство само да ја спаси сопствената кожа. Е токму тоа му пречи на Јанчев и новите, реформаторски сили во партијата кои сепак сакаат на мирен начин и според процедура да ја преземат партијата.