Интегрален текст од изјавата за медиуми на лидерот на СДСМ и мандатар Зоран Заев:
Чест и одговорност ми е што согласно Уставот, како предводник на СДСМ и на коалицијата „Можеме“ кои освоија најмногу пратенички места во Парламентот, денеска од страна на претседателот Стево Пендаровски го добивам мандатот за составување нова демократска, политичка, одговорна, европска Влада, со институции кои уште повеќе и уште подобро ќе им служат на граѓаните.
Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да составиме предлог за програма и за кадри кои демократското мнозинство во Собранието ќе ги изгласа и со тоа ќе довери полн четири годишен мандат на стабилна Влада која е подготвена да сработи, која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободенa од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која ќе го развива уште повеќе концептот Едно општество за сите.
Пред македонското Собрание ќе испорачам предлог за Влада составена од квалитетни, одговорни и отчетни кадри, која е решена и која силно ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари кај секој функционер.
Програмата на Владата во најголема мера ќе биде посветена на новата македонска економија каде главните принципи се платите и пензиите да продолжат да растат, да вложуваме во младите и во рамномерниот регионален развој, да водиме посебна и уште поголема грижа за најсиромашните граѓани и да даваме постојана поддршка на домашно стопанство.
Северна Македонија ќе добие Влада која го следи јасниот правец за кој е определено големото мнозинство граѓани – тоа е европскот пат, патот на економијата и правдата, патот до просперитет и долгорочна стабилност. Ќе водам Влада која не знае за скршнување од патот кој после членството во НАТО води до членство во Европската Унија.
Ќе водам Влада која во целост ги почитува Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.
Денес, 13 август, 19 години после потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, сакам да им честитам на сите граѓани и да оддадам почит на тогашниот претседател, покојниот Трајковски, за големината да се создаде и прифати Охридскиот договор како решение кое денес ни овозможува да имаме реалксирани односи меѓу заедниците, а со тоа и безбедна и сигурна земја, членка на НАТО.
Очекувам дека за најмногу 20 дена од денес, Северна Македонија ќе добие ефикасна и посветена Влада која веднаш ќе се посвети на предизвиците кои ги носи пандемијата Ковид-19, Влада која од првиот ден ќе работи на обезбедување повеќе пари, повеќе услуги и подобар живот за секој наш граѓанин.