23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заврши вонредната владина седница – Донесени мноху важни одлуки кои важат за цела територија на Македонија

Од 76-та седница на Владата: Донесени протоколите за работата на базените и плажите; Се укина одредбата од протоколот за работа на кафулиња и ресторани на една маса да седат двајца, или четворица само ако се во роднинска врска; Земјата се приклучува кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19

Владата на Република Северна Македонија на денешната 76-та седница ги усвои протоколите што ги предложи Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат на работата на базените и на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19.

Согласно Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19, освен задолжителното почитување на основните превентивни мерки за носење лична заштитна опрема на лицето, за физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, често миење на рацете со вода и сапун, и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите, задолжително е точното и видливо информирање на посетителите со информативно – едукативен материјал за посетителите во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, како и со гласовно информирање за придржување кон препораките.

Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетителите за лична заштитна опрема на лицето која што ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.

На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 – 2 метри помеѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и после користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.

Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките.

Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19 уште ги уредува и санитарно – хигиенски мерки, препораките за вработените, а за користење на угостителски услуги се препорачува почитување на Протоколот за угостителска дејност во услови на пандемија со КОВИД-19.

На плажите не се препорачува користење на гардероби на плажа.

Протоколот за работа на базените во тек на пандемија со КОВИД-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, определува како задолжително пред билетарите да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 – 2 метри. Меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 – 2 метри или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички. Да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети.

Пред влезот на базените задолжително е да се постави дезбариера (подлога) за дезинфекција на сите посетители и да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција на рацете при влегување и да се постави пред влезот на сите простории во објектот.

Задолжително е редовно информирање на посетителите, а користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување на ред и незадржување од страна на назначени лица од редарска служба. Зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои 2 часа (по потреба и почесто).

При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете.

Сите вработени лица и посетителите до влегување во базенот задолжително да носат лична заштитна опрема на лицето што подразбира било каква форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата, како и да одржуваат физичка дистанца од 1,5 – 2 метри вклучително и во базенските води.

Се ограничува бројот на посетители во објектот согласно квадратурата на објектот, максимум 15 посетители на 100 м² нето површина (вклучително и површината на базенот) или еден пливач на 7 м² во базенот, и задолжително да се одредат лица кои ќе го контролираат бројот на пливачи во базенот (согласно погоре наведениот норматив) и кои ќе го контролираат на спроведување на мерките.

Протоколот ги утврдува и останатите санитарно – хигиенски мерки и препораки за вработените кои се задолжуваат да водат евиденција за секој тренинг, организирана спортско – рекреативна активност или слободно користење на базенот од страна на граѓаните со цел полесно епидемиолошко следење во случај на појава на заразен со КОВИД-19. За секој посетител да се обезбеди податок за време и дата на посета/тренинг, име и презиме, телефонски број за контакт, име на тренерот/група/инструктор итн.

На базените не се препорачува користење на угостителски услуги, а за оние во состав на хотелски капацитети се препорачува почитување на горенаведените препораки, со напомена користењето на базенот да биде дозволен само за гостите од хотелот.

Владата денеска донесе и измени и дополнувања на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана со кои се укинуваат ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето со кое се определуваше дека на една маса можат да седат четворица само ако се од исто семејство.

На седницата беше заклучено Комисијата за заразни болести да го разгледа прашањето за давање дозвола за транзит со приватно возило низ територијата на Северна Македонија за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кое не беше опфатено со мерките за државјаните на овие земји.

Владата на Република Северна Mакедонија на оваа своја седница ја разгледа и усвои Информација за можноста на Република Северна Македонија да се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19, преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини за КОВИД-19, и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да ја потпише необврзувачкатa изјава за намери за приклучување кон COVAX механизмот, и да учествува во дискусиите за консултации за дизајнот и принципите на работа на механизмот, што ќе се одржат во текот на овој месец.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата и го усвои текстот на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025) – стратешка рамка, и го задолжи Министерството за одбрана да ги координира сите активности за имплементација на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025) – стратешка рамка.

Владата ги задолжи Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование, Министерство за правда, Министерство за финансии, Центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, да изработат оперативни планови за имплементација на вториот НАП за Резолуцијата 1325 (2020 – 2025) во координација со Министерството за одбрана до крајот на месец септември 2020 година, додека на единиците на локална самоуправа им се препорача да изработат оперативни планови за имплементација на оваа резолуција.

Министерството за одбрана има задолжение да координира со процесот на мониторинг и известување преку формирање на тело (работна група за координација, мониторинг и евалуација на вториот НАП за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025), како и да изработи и да достави до Владата на Република Северна Македонија информација за степенот на реализација на втората етапа до крајот на месец октомври 2020 година.

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница донесе Одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „SABER JUNCTION 20” во Сојузна Република Германија во периодот од 28 јули до 25 август 2020 година.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за индикативни услови за финансирање на фотоволтаичните електрани Осломеј 2 и фотоволтаичната електрана Битола со поддршка на Европската банка за обнова и развој и ја задолжи АД „Електрани на Северна Македонија“ во државна сопственост по завршувањето на формалната процедура да ја извести за финалните понудени услови за финансирање.

По повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година, на денешната седница Владата заклучи Организацискиот одбор за прославата на националниот празник Илинден 2020 година да го предводи Оливер Спасовски, претседател на Владата на Република Северна Македонија, а во одборот да бидат вклучени претставници на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и претставници од Секторот за односи со јавност на Владата.

Оваа година делегација на Владата на Република Северна Македонија по повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Скопје ќe ја предводи претседателот на Владата, прославата во Крушево ќе ја предводи претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, а прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Пелинце ќе ја предводи и ќе се обрати претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Со заклучок на денешната седница е утврдена и Владината делегацијата по повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Смилево.

Во врска со организацијата и прославата на државните празници, Владата го задолжи Министерство за здравство, преку Комисијата за заразни болести да обезбеди протокол за организација на државните настани во време на пандемија.