Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во посета на Брвеница од каде што истакна дека сега се наоѓаме пред раскрсница, моментот кога треба да се одбере дали ќе се поддржи патот на, како што кажа, неправдите на невистината, срамот корупцијата на Заев и СДСМ или ќе поддржи една нова енергија, чест и горди политичари кои си го сакаат сопствениот македонски народ и татковината Македонија и ќе ја поддржат обновата предводена од ВМРО-ДПМНЕ
„Имаме јасна одлука и јасен избор, изборот ќе биде да се поддржи победничката коалиција која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија. Сега моментот кога на 15 јули треба масовно да излеземе да се обединиме и да ја поддржиме визијата за нашата татковина, онаква каква што сакаме да ја гледаме“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека од другата страна имаме политичари кои во три години ништо од тоа што ветиле не го сработиле, нема 500 евра плата, нема повисоки пензии, нема навремени субвенции за земјоделците, нема ни загарантиран откуп, единствено има тргување со гласот на граѓаните, национално предавство, криминал и корупција.
„Сетете се кога ветуваа дека ќе донесат правда и мир, а донесоа неправда, Луј Витон обвинителство и „трас трас“ судство, а мирот го претворија во немир. Немир во душите на дечињата кои ги загубија родителите во Диво насеље бранејќи ја сопствената држава, немир во душите на родителите на децата од Смилковско на кои им ја ветуваа вистина, а веднаш штом се дограбија до фотелја ги ослободија злосторниците кои го направија тоа монструозно дело, немир кај семејствата на Нешковски, Јанушев, Кољо. Од Македонците направија граѓани од втор ред во сопствената држава. Затоа 15 јули е денот кога тој немир ќе го претвориме во мир“, кажа Мицкоски.
Мицкоски изјави дека доста беше наведната глава, понижувања и лаги. Вети за вработените 25% поголеми примања, за пензионерите 20% поголеми пензии и враќање на стариот закон, минимум 1000 километри реконструирани патни правци, но и најмал данок во Европа.
Мицкоски истакна дека во Проектот Обнова на ВМРО-ДПМНЕ има над 1.000 проекти.