Пет лица од МВР, меѓу кои и државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, ќе одат во самоизолација 14 дена поради контакт со двајцата вработени од бифето во Министерството кои се позитивни на коронавирус.
Од МВР информираат дека вчера од страна на епидемиолошкиот тим од Институтот за јавно здравје, а врз основа на доставен список на сите вработени кои имале контакт со двајцата вработени, направена им е епидемиолошка анкета на 67 лица, а воедно е направена и дезинфекција на сите работни простории во зградата.
Во извештајот од епидемиолошкиот тим преку анкетниот прашалник утврдено е нивото на ризик кај анкетираните, при што кај петте лица е утврдено средно ниво на ризик.
За останатите анкетирани 62 лица кои се проценети со низок ризик се препорачува задолжително носење респираторна маска /заштитна маска за целото време на работниот процес. Истите може да се вратат на работно место.
Министерството за внатрешни работи и во оваа пригода апелира до сите вработени за правилна и постојана употреба на лична заштитна опрема, одржување соодветно растојание, често миење и дезинфекција на раце. Во канцелариите каде се сместени вработените, постојано да се врши проверување на просториите, а вработените задолжително да носат лична заштитна опрема додека се на работното место.