Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оствари телефонски разговор со премиерот на Република Словенија и претседател на сестринската партија СДС, Јанез Јанша со кого разговараше за актуелната здравствена и политичка состојба.
Мицкоски ја пренесе својата загриженост за сериозноста на состојбата со корона заразата и со растечкиот тренд на новозаразени и починати што Република Македонија ја става на убедливо на првото место по број на заразени и починати по глава на жител во состојба кога таа бројка во регионот драстично опаѓа. Во исто време ја истакна и пожртвуваноста на лекарите и медицинскиот персонал кој е непосредно во првата линија на борба против короната и надчовечките напори кои тие ги даваат, наспроти сериозните недостатоци во креирањето на мерки и начинот на нивното спроведување.
Разговараа за словенечките искуства во справувањето со корона кризата, и фактот што Словенија беше првата европска држава која прогласи победа над вирусот. Токму затоа Мицкоски побара од премиерот Јанша да испрати тим од доктори и експерти од Словенија кои ќе дојдат во Македонија и ќе помогнат во пренесување на своите искуства и знаења во надминување на корона кризата. Премиерот Јанша веднаш се согласи да испрати помош доколку за тоа постои волја кај македонските здравствени власти, тим на врвни доктори кои ќе ни помогнат во справување на состојбите.
„Во таа насока претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има остварено и разговор со министерот за здравство Венко Филипче кој го запозна со идејата и подготвеноста на премиерот Јанша да помогне. Тој ја прифати идејата и изрази уверување дека ќе обезбеди комуникација со словенечкото министерство за здравство за реализација на хуманата идеја.
Благодарност до Република Словенија и премиерот Јанез Јанша што повторно излегува во пресрет и поддршка на нашата земја. Мицкоски ќе продолжи во рамките на моите сили и можности да се борби за заштита на здравјето на нашите граѓани и справување на комплицираната здравствена состојба.Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски апелира до владата да ги искористи своите контакти и позиции и да доведе меѓународна помош која е добредојдена во овие моменти. Бројките се поразителни и укажуваат на тоа дека ни е потребна итна помош. Колку побрзо се признае тоа, толку повеќе ќе се спасат животи“, се вели во соопштението.