23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Д-р Караџовски: Државата се надрасна себеси, нашиот систем се покажа во справувањето со коронавирусот

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски се заблагодари на сите колеги од Комисијата за заразни болести, сите чинители кои придонесуваат за намалување на бројот на заразени, заболени и на сите лица кои помогнаа и помагаат во лекувањето на овие пациенти. Тој истакна дека тие се неговите херои.

„Комисијата за заразни болести во досегашниот период, направи една анализа како тромесечен период, квартален период на она што ни се случува во државата. Констатиравме дека соодветно се применуваа нашите препораки, нашите алгоритми, при што преземените мерки дадоа одредени резултати. Во периодот од 14 дена којшто ни се случува, имаме просечно од 10 до 40 регистрирани случаи – на дневно ниво. Просечно изнесува 24. Еден од факторите што не натера да размислуваме за олабавување на овие мерки во прва, втора, па и во трета фаза е намалениот морбидитет, намалениот морталитет, леталитет којшто ги следи европските и светските трендови. Во изминатите 14 дена направени се 6.063 тестови за КОВИД. Односно, близу 1500 тестирања на еден милион жители. Ние немаме новорегистрирани случаи, туку точно знаеме во оние фамилии, оние општини каде што имаме веќе дијагностицирани случаи. Ги знаеме кои лица биле во самоизолација или во изолација. И веќе во нивните фамилии имаме појава на новорегистрирани случаи. Значи, ги контролираме случаите кои се регистрираат во нашата држава“, рече д-р Караџовски.

Во моментов 1.439 лица се излекувани, нешто повеќе од 400 се во состојба на активни случаи коишто се следат. Во 7 градови има само од 1 до 3 пациенти кои ги следиме. Во 5 градови сè уште има активни случаи кои се на листата на надзор. Во другите градови нема ниту еден случај. Во овие 5 градови има повеќе од 20 кластери коишто се следат, а тоа се – Скопје со неколкуте кластери во неколку општини: Чаир, Гази Баба и тоа е општината Сарај, каде што се знаат и лицата. Потоа Велес, Штип, Струга и Тетово како регион.

„Го амортизиравме првиот удар на епидемијата. Обезбедивме болнички капацитети за третман благодарение на пожртвуваноста на инфектолозите, анестезиолозите, пулмолозите и сите медицински сестри, техничари, биохемичари и сите во институциите кои придонесоа за успешното лекување. Ве уверувам во овој период дека државата се надрасна себеси – во делот на струка, наука, компетенција, едукација, третман, епидемиолошки надзор, за што ни оддава признание и Светската здравствена организација“, потенцираше д-р Караџовски.