Во овие исклучително тешки околности за сите нас, за Европа, за целиот свет, исправени пред здравствениот предизвик и економските последици од него, лидерите на ЕУ одлучија да почнеме преговори за членство во нивното семејство, вели заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, откако европските лидери синоќа ја потврдија одлуката на министрите на ЕУ за отворање пристапни преговори со Северна Македонија.
„Ова е победа над сите оние внатре и оние надвор кои правеа сè за да не успееме. Ова се историски мигови за нас и за нашата татковина. Март 2020 година ќе остане длабоко и засекогаш врежан во меморијатата на македонскиот граѓанин. Поради сонот на многуте генерации пред нас, кој стана јаве – да биде нашата држава полноправна членка на НАТО и да биде пред портите на ЕУ, но и поради вонредната состојба предизвикана од пандемија со глобални размери и битката за победа над истата“, рече тој.
Како што од Втората светска војна научивме корисни лекции, додаде Жерновски, каде потребата од создавање на една унија во Европа е една од нив, така и од битката против коронавирусот ќе научиме нова лекција – дека наместо изолација, неопходна ни е интеграција за заеднички да ги совладаме предизвиците на новиот век, се разбира, не само здравствените.
„Затоа е многу важно да знаеме дека утре, кога повторно ќе го слушнеме детскиот џагор во градинките и училиштата, кога студентите ќе продолжат на своите факултети, кога пак ќе ги наполниме театрите и кината, кога рестораните ќе почнат одново да ги примат старите и нови гости и кога на синото небо повторно ќе летаат белите авиони, нашата држава ќе биде веќе членка на НАТО и посветен преговарач за членство во ЕУ. Тоа значи само едно – напредок за државата, напредок во образованието и науката, значи поквалитетно здравството и постабилни економски текови, но и поефикасно судство. Со еден збор, подобар живот за нашите граѓани“, вели Жерновски.
Тој исто така наведе дека германската канцеларка, Ангела Меркел, претседателот на Франција, Емануел Макрон, и останатите 25 лидери на земјите членки од европското семејство ѝ оддале признание на нашата земја за постигнатиот напредок, ја истакнале посветеноста и визионерското лидерство на Владата и ги поздравиле забележителните реформи.
„Ова не е подарок, туку валоризација за нашата посветеност и потврда за постигнатиот успех на државата“, вели Жерновски.