Наплатата на ДДВ во првото полугодие од спроведувањето на „Мој ДДВ“ е подобрена 11 отсто. Министерката за финансии, Нина Ангеловска, во вчерашното гостување во емисијата „Топ тема“, вели дека подобрувањето на наплатата на ДДВ е показател дека мерката дава резултати во сузбивањето на сивата економија, а 260.000 граѓани контролори за тоа добиваат награда преку поврат на ДДВ, но и преку наградната игра „МојДДВ #МојаНаграда“.
„Cost benefit-анализата покажува дека ‘Мој ДДВ’ е успешна мерка што дава резултати. ‘Мој ДДВ’ е мерка за стимулирање на наплата на приходите како резултат на данокот на додадена вредност и, меѓу другото, да ги награди граѓаните со поврат додека се контролори и ги бараат фискалните сметки. Ако ги земете шесте месеци од јули до крајот на годината од воведувањето на мерката, 7 милиони евра биле вратени назад кај граѓаните. Речиси 260.000 граѓани скенираат сметки, тоа се 260 илјади контролори, на кои сме им вратиле средства. Наплатата на ДДВ е зголемена 11 отсто во шесте месеци по воведувањето на мерката во споредба со истиот период лани. Cost benefit-анализата покажува дека ако би бил нормален раст од 6 отсто, без мерката – што не е толку, бидејќи просекот е 3,5 отсто раст на ДДВ во последните 10 години, со мерката прибрани се дополнителни 23 милиони евра приходи како резултат на ‘Мој ДДВ’. Значи, со 7 милиони евра сме имале ефект од 23 милиони евра“, вели Ангеловска.
Ангеловска посочи дека преку гемификацијата во извештаите на Европската комисија е цитирана како една од најдобрите мерки за справување со сивата економија. Граѓаните што скенираат сметки имаат трикратна корист – помагаат во сузбивање на сивата економија, што ќе придонесе во иднина да добиваат подобри јавни услуги, добиваат поврат на ДДВ и добиваат можснот за награда преку наградата игра „МојДДВ #МојаНаграда“.