24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Нема да прифаќаме уцени од другите албански партии

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска ја промовираше предизборната коалиција со Движењето Беса и рече дека станува збор за победничка коалиција на предвремените парламентарни избори на 12 април. По потпишувањето на договорот со лидерот на Беса Биљал Касами, тој им се обрати на другите албански партии и коалиции.

„Што се однесува до другите албански партии и коалиции, сакам да ја уверам јавноста дека како победничка коалиција нема да дозволиме да бидеме уценувани и нема да прифаќаме непринципиелни преговарања и договарања. Оние кои ќе сакаат да им се приклучат на победниците, ќе треба да ги прифатат нашите принципи и вредности за евентуално да учествуваат во владината коалиција“, изјави Заев на настанот во Музејот на современа уметност.

Тој кажа дека предизборната коалиција на СДСМ и Беса е историски момент за демократијата и плурализмот.

„СДСМ денес ја објавува коалицијата со Движењето Беса. Нашата визија за Северна Македонија е економски силна и стабилна земја, праведна држава, членка на НАТО и ЕУ. Ова е победничка коалиција, предводена од СДСМ, нема дилеми. Ние сме сигурни победници на 12 април и тоа му е секому јасно. Уште денес се знае дека оваа коалиција ќе освои сериозно и сигурно мнозинство за формирање влада. Тоа им е јасно и нашите политички опоненти“, рече Заев.