Идентификувани се сите патници кои се возеле во комбето со жената која е заразена од коронавирусот, а која утринава допатувала од Италија во Македонија. Се работи за 9 луѓе, од кои 8 патници и еден возач, кои живеат на две места во Скопје (четворица патници) и три во Струмица (четворица патници и возачот), информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
„Во моментов кон нивните живеалишта се упатени епидемиолоизи со претставници од МВР за да се направи анкета и да се утврди со кои се лица овие патници комуницирале во текот на денот. Сите тие ќе останат вечерва во домашна изолација под полициски надзор, а потоа ќе се утврди дали ќе продолжи домашната изолација или ќе бидат префрлени во болнички услови, за надзор“, рече Филипче.
Засега на патниците од комбето нема да им се вршат тестови за коронавирус.
„Затоа е овој период на инкубација, бидејќи во оваа фаза тестот може да е и лажно негативен. Токму затоа тие најмалку 14 дена ќе бидат во изолација“, рече Филипче.
На прашањето како граничната полиција не утврдила според предвидениот прашалник дека патничката има симптоми на коронавирусот, Филипче рече дека таа најверојатно дала погрешни податоци за нејзината состојба.
„Разговаравме со граничната полиција, очигледно дека патничката не кажала вистински податок, инаку таа би била соодветно третирана на граничниот премин. Апелирам дека граѓаните мора точно да одговараат на прашањата што им се поставуваат на граничните премини и аеродромот“, вели Филипче.
Во врска со пациентката заразена од коронавирусот, тој рече дека е добра и дека има лесна форма на болеста.
Министерот за здравство уште еднаш потенцираше дека нема место за паника меѓу граѓаните.
„И порано епидемии, нема простор за паника ниту пак потреба од снабдувања и пазарења на дополнителни залихи храна, лекови и слично“, рече тој.