Собранието доцна синоќа со 62 гласа „за“ и 26 гласа „против“ ја разреши техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.
Таа беше разрешена поради користење на табла со името Република Македонија во Министерството, што според премиерот Оливер Спасовски, претставувало јавен настап при кој бил прекршен Уставот.
Исто така, пратениците ги изгласаа и измените на Изборниот законик со кои се прават усогласувања со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но и делумно се променија избирачките единици „5“ и „6“ за запазување одредбата дека не смее да има преголеми отстапки во бројот на населението меѓу шесте изборните единици.
Собранието, според планираното, треба да се распушти во недела. Пратениците ќе работат и денеска, а на дневниот ред треба да се најде новиот Закон за јавно обвинителство.