24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Обраќање на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски на социјалните мрежи

Обраќање на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски на социјалните мрежи:

СДСМ е стабилен и искрен партнер на граѓаните – гледаме напред, постојано сме на терен, создаваме програма која е македонски мозаик од можности за сите!

Новиот, модерен и енергичен пристап на работа на СДСМ овозможи постојан и двонасочен систем на комуникација со сите генерации наши сограѓани, без разлика на етничката, верска и политичка припадност.

Разговараме, предлагаме решенија за детектираните проблеми, ги слушаме ставовите и потребите на нашиот народ.

Во изминатите два месеци, преку активностите од врата до врата, посетивме и пруживме рака на повеќе од 220.000 семејства низ целата земја.

Од летото до сега, реализиравме 680 маалски и урбани средби и 400 теренски посети на одговорните партиски функционери низ општинските организации.

Одржавме над 300 средби со граѓани во локалните средини од општинските организации. На централно и локално ниво под наше покровителство се организираа 250 хуманитарни настани, манифестации, работни акции за да им се помогне на оние на кои тоа им е најпотребно.

Организиравме над 30 трибини во цела држава под слоганот „На прав пат“ на кои граѓаните масовно присуствуваа и комуницираа со партиското раководство на различни теми. Во овој период се реализираат 15 програмско-тематски трибини „Агенда 20-24“ на кои заедно со граѓаните гледаме напред во иднината и ја креираме програмата на СДСМ за мандатот 2020 – 2024.

Знаеме што правиме – одиме со храбри, сигурни и одговорни чекори. Заедно со граѓаните создаваме програма со која гарантираме дека земјата ќе продолжи забрзано по патот на развојот по кој тргнавме во 2017 година. Одиме на сигурно, создаваме план со кој точно ќе се знае каде оди државата.

Нашата програма забрзано ќе ја развива Северна Македонија како земја на слободни и одговорни луѓе. Мажи и жени. Граѓани кои веруваат во различни работи, живеат на различни начини, но се согласни дека државата ни припаѓа на сите подеднакво и дека е наша заедничка одговорност.

Нашата програма нуди модел за брз развој на земјата.

Создаваме програма која е македонски мозаик од можности за сите граѓани, за сите заедници, за сите бизниси, за сите инвеститори.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои не се менуваат, кои се заглавени во истата матрица чиј идеен творец е во бегство и раководи од Будимпешта, СДСМ постојано се подобрува за да одговори на новото време на прогрес и визија за обезбедување сигурна иднина.

Ние решаваме, а не создаваме проблеми. Уверени сме дека граѓаните прават разлика меѓу лажните ветувања на оние кои 11 години се богатеа на грбот на граѓаните и ја држеа земјата во заложништво и нас, кои за 2,5 години решивме повеќе децениски прашања и искрено и посветено работиме на решенија за најгорливите проблеми на сите граѓани.

Затоа, на 12 април со чиста совест излегуваме пред гласачите да бараме нов мандат.

После победата продолжуваме заедно со граѓаните да ја градиме светлата иднина во НАТО, ЕУ, да ги спроведеме до крај сите неопходни внатрешни реформи затоа што тоа е нашиот долг кон сегашните и генерациите кои доаѓаат!