Во светот има 2.153 милијардери со поголемо богатство од 4,6 милијарди луѓе, што претставува 60 проценти од светската популација, се вели во извештајот на невладината организација „Оксфам“ објавен пред Светскиот економски форум во Давос.
Организацијата посочува дека концентрацијата на богатството е на штета на жените, пред сè, поради нееднаквоста во светот. Глобалната нееднаквост е голема и бројот на милијардери е двојно зголемен во последните десет години, наведува „Оксфам“.
„Јазот меѓу богатите и сиромашните не може да се реши без насочена политика за борба против нееднаквоста. Владите треба да обезбедат компаниите и богатите да го платат својот праведен дел од даноците“, се вели во соопштението на Амитабх Бехар, генералниот директор на „Оксфам“ во Индија.
Годишниот извештај на „Оксфам“ за глобалните нееднаквости традиционално е објавен непосредно пред отворањето на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Извештајот покажува дека богатите елити собираат огромно богатство на штета на обичните луѓе, особено сиромашните жени и девојчиња. Според организацијата, богатството на еден процент од најбогатите во светот е двојно поголемо од акумулираното богатство од 6,9 милијарди помалку богати, или 92 процента од светската популација, се вели во извештајот.
Според „Оксфам“, 42 отсто од жените во светот не се во можност да имаат платена работа поради премногу обврски во приватниот, семејниот живот, во споредба со шест проценти од мажите. Во Франција седум милијардери имаат повеќе богатство од 30 проценти од најсиромашните луѓе, а 10 отсто од најбогатите Французи концентрираат половина од богатството на земјата./Makfax