Министерството за внатрешни работи денеска упати предупредување до родителите, наставниците и старателите за опасната онлајн-заедница позната како „764“, чии членови се поврзуваат со манипулирање, уценување и заплашување малолетници. Според МВР, оваа појава е предмет на предупредувања и од меѓународните безбедносни институции, вклучително и американското ФБИ.
Лицата поврзани со ваквите заедници воспоставуваат контакти преку социјални мрежи, апликации за комуникација и онлајн-игри. Најчесто се претставуваат како врсници или потенцијални пријатели, а откако ќе ја стекнат довербата на децата, може да започнат со закани и уцени, барајќи чувствителни фотографии или принудувајќи ги жртвите на опасни постапки.
МВР ги повикува родителите да обрнат внимание на нагли промени во однесувањето, повлекување, страв, таинственост околу интернет-комуникацијата и заканувачки пораки. Секој сомнеж може да се пријави во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на cybercrime@moi.gov.mk.


