Арон Орбан, помладиот брат на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, денеска е приведен под сомнение за криумчарење луѓе, објави унгарскиот премиер Петер Маѓар на својот профил на Фејсбук, повикувајќи се на медиумски информации.
„Според медиумските извештаи, братот на Виктор Орбан, Арон Орбан, е приведен под сомнение за криумчарење луѓе. Истражителите продолжуваат да работат на случајот“, напиша Маѓар на социјалните мрежи.
Како што јавува унгарскиот портал „Портфолио“, Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот (НВВХ) и Националното истражно биро (ННИ) рано утрово спровеле заедничка операција на повеќе локации во Будимпешта и во Пештанската жупанија.
Станува збор за истрага поврзана со трговија со луѓе и криумчарење мигранти. Во рамки на две паралелни кривични постапки, властите привеле неколку лица и извршиле претреси во нивните домови и деловни простории. Официјалните детали од истрагата се очекува да бидат објавени во текот на денот.
Истражителите наводно се фокусирале на деловните активности на Арон Орбан, откако медиумите претходно откриле спорна шема за издавање визи. Според тие информации, компанија поврзана со братот на поранешниот премиер запишувала виетнамски државјани на дводневен курс за прва помош и спасување животи на Универзитетот во Печуј. Курсот потоа им служел како покритие и полесен начин за добивање шенгенска виза и влез на територијата на Европската Унија./Извор:Makfax


