Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ѝ се заблагодари на американската администрација за продолжувањето на размената на разузнавачки информации меѓу двете земји, објави „NBC“.
Зеленски вчера изјави дека САД продолжиле да доставуваат разузнавачки информации до Украина за претстојните руски напади со балистички ракети, кои ја погодија енергетската инфраструктура на земјата.
„Беше блокирано одредено време. А потоа американската страна го деблокираше. Многу сме благодарни за тоа. Сега функционира. Само САД ја имаат оваа единствена разузнавачка информација врз основа на која можат да нè информираат кога Русија користи балистички ракети. И ние не ги добивме овие информации за време на нападите со балистички ракети што траеја три дена“, рече Зеленски.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно објави дека неговата земја постигнала договор со Русија за купување и пласирање на руски дизел на светскиот пазар, за време на порастот на цените на горивата поради тешкотиите во транспортот на нафтата преку Ормускиот теснец поради конфликтот меѓу САД и Иран.
Зеленски оцени дека договорот е подарок за рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп побара од Украина да ги запре нападите врз руските нафтени постројки, по што размени низа обвинувања со Зеленски преку медиумите.
Во интервју за „NBC“, украинскиот претседател застана зад неодамна изнесеното тврдење дека САД намерно го ограничиле пристапот до сателитски интернет преку сателитот „Starlink“.
Тој изјави дека компанијата „SpaceX“ на Илон Маск, која е сопственик на системот „Starlink“, е одговорна за ненадејното ограничување на брзината на терминалите во Украина за пристап до сателитски интернет, што го отежна користењето на беспилотни летала на фронтовската линија и извршувањето на некои задачи за воздушна одбрана.
„Тоа беше порака од американската влада да се ограничи брзината. И технички, тоа го направи „SpaceX““, рече Зеленски во интервју за телевизијата „NBC“./Извор:Makfax


