Centar.mk
Фото Владина прес служба на Израел
СВЕТ

Нетанјаху нареди засилување на воените операции на целиот Западен Брег

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, нареди засилување на воените операции на целиот окупиран Западен Брег, по нападот во близина на израелската населба Неве Цуф, северозападно од Рамала, во кој загина едно лице.

Израелската војска соопшти дека уапсила Палестинец осомничен за нападот во близина на Неве Цуф, позната и како Халамиш.

Нетанјаху изјави дека израелските сили ќе ги гонат сите кои учествувале во напади врз Израелци.

„Сите ќе ги сметаме за одговорни – во Газа, Либан, Јудеја и Самарија“, рече Нетанјаху, користејќи го библискиот назив за Западниот Брег.

Премиерот потврди дека им наредил на армијата и на израелската служба за внатрешна безбедност Шин Бет да распоредат дополнителни сили низ Западниот Брег, да воведат блокади и да спроведат, како што ги нарече, „офанзивни операции“ и апсења.

Тој, исто така, наредил веднаш да почне уривањето на домот на Палестинецот обвинет за нападот.

Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, зачестени се операциите на израелската војска и нападите на израелските доселеници врз Палестинците и нивниот имот на окупираниот Западен Брег./Извор:Makfax