Centar.mk
СВЕТ

Европски разузнавачи: Русија би можела да преземе поодлучна акција против НАТО во наредните месеци

Европски разузнавачки претставници предупредуваат дека Русија во наредните месеци би можела да преземе поодлучна акција против НАТО, која би можела да вклучува напад со дронови или ракети, ограничен упад на територијата на Алијансата или други форми на притисок, објави „Гардијан“.

Шефот на чешката безбедносна служба БИС, Михал Куделка, изјави дека можните руски активности би можеле да вклучуваат ограничен упад на територија на НАТО што граничи со Русија, провокации под лажно знаме и голема кампања за влијание.

„Можно е. Би можело да вклучува ограничен упад, провокации под лажно знаме, масовна кампања за влијание“, рече Куделка, додавајќи дека такво сценарио би можело да се случи за „неколку месеци, а не години“.

Неговата изјава следува откако полскиот премиер Доналд Туск рече дека разузнавачките процени укажуваат на можност за руски напад со дронови или ракети врз територија на НАТО во наредните месеци. Францускиот претседател Емануел Макрон ги оцени предупредувањата на Туск како „разумни и добро документирани“.

Од друга страна, шефот на летонската служба за државна безбедност ВДД, Нормундс Межвиетс, изјави дека нема индикации за непосреден напад. Според него, постојат знаци дека Москва подготвува поодлучни активности во Европа, но не е јасно дали станува збор за конкретни планови или за поширока стратегија за дестабилизација и ширење страв.

Разузнавачките претставници предупредија и дека руската кампања на саботажи во Европа би можела да се интензивира во наредните месеци.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли тврдењата за можен руски напад врз НАТО, велејќи дека тие „немаат никаква врска со реалноста ниту со намерите на Руската Федерација“./Извор:Makfax