Centar.mk
ЛОКАЛНО

Водата во Гостивар од денес е безбедна за пиење, рече Ангелов и отиде да испие чаша вода од улична чешма

Од денес водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење, соопшти попладнево раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов соопшти дека во примероците вода за пиење земени од седум мерни места во Гостивар и околината, како и во изворот Вруток не се најдени бактерии и од денес водата може да се користи за пиење. Тој кажа дека водата немала бактерии и минатата недела, но имала повеќе хлор поради дезинфекција на системот поради што во саботата го намалиле додавањето течен хлор во водата.

„Последните добиени резултати од лабораториските испитувања потврдуваат дека водата е микробиолошки и физичко-хемиски исправна во целост, односно дека сите испитани параметри, вклучително и количеството на резидуален хлор, се во границите предвидени со Правилникот за барања за квалитетот на водата за пиење. Со тоа се исполнети условите водата од водоснабдителниот систем во Гостивар повторно да се користи за пиење “ соопшти директорот Миланов.

Тој им препорача на граѓаните пред да ја користат водата за пиење, да ја остават да истече од чешмата неколку секунди, особено доколку водата подолго време не била користена во конкретната чешма и апелираше да ја користат рационано.

Откога директорот Миланов ги соопшти резултатите од анализите, Ангелов кажа дека со личен пример ќе покаже дека водата може да се пие.

„За крај, дозволете: во знак на силна доверба во стручниот тим којшто стоеше зад овој процес и којшто ни помагаше на нас како Главен штаб, ние ќе излеземе надвор пред чешмата, јавната чешма којашто е веднаш пред Општината, и ќе испиеме по една чаша вода за да ги убедиме граѓаните да имаат доверба дека водата е исправна за пиење, затоа што во периодов се појавија многу шпекулации и многу недоверба“, рече Ангелов и излезе да се напие вода.

Со пиење чаша вода пред камери во средата и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги убедуваше скопјани дека водата не е загадена со бактерии.

Водата во Гостивар беше забранета за пиење на 17 јули откога над 3.000 гостиварци се пожалија на стомачни проблеми, а анализите покажаа дека во неа има фекални бактерии./Извор:Makfax