Под мотото „Lending Reimagined“, на 24 и 25 септември Скопје ќе биде регионална точка за разговор за иднината на микрофинансирањето, кредитирањето, вештачката интелигенција и новите модели на финансирање.
Како може да се продлабочи соработката меѓу банките, штедилниците и небанкарските финансиски институции? Зошто небанкарското микрофинансирање е важно за финансиската инклузија и економскиот развој? На кој начин дигитализацијата и вештачката интелигенција го трансформираат кредитирањето?
Ова се дел од клучните прашања што ќе бидат во фокусот на третото издание на меѓународната конференција MicroBalkans 2026, која на 24 и 25 септември во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје ќе собере повеќе од 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји.
Под мотото „Lending Reimagined “, конференцијата ќе ги обедини финансиските институции, регулаторите, експертите, инвеститорите, компаниите и иноваторите во разговор за промените што веќе ја обликуваат финансиската индустрија – од дигитализацијата на кредитирањето и примената на вештачката интелигенција, до пристапот до капитал, европската регулатива и развојот на одговорни, одржливи и поинклузивни финансиски решенија.
Свои воведни обраќања на конференцијата ќе имаат гувернерот на Народната банка на Северна Македонија и министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, а се очекува учество и на други истакнати претставници и реномирани експерти од финансискиот сектор од регионот и Европа.
Активно учество ќе земат и небанкарските и микрокредитните институции од земјите на Западен Балкан, членки на Алијансата, со што дополнително се потврдува регионалниот карактер и значењето на MicroBalkans 2026 како платформа за размена на искуства, регионална соработка и развој на финансискиот сектор.
Конференцијата ја организираат Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и штедилниците, во партнерство со Western Balkans Alliance и European Microfinance Network.
„Финансискиот сектор веќе не разговара дали ќе се трансформира, туку колку брзо и одговорно ќе го направи тоа. MicroBalkans сака Скопје да биде едно од местата каде што ќе се води тој разговор – меѓу банките, штедилниците, небанкарските финансиски институции, микрокредитните институции, регулаторите, инвеститорите и останатите чинители кои можат заеднички да создаваат подобар пристап до финансии и поконкурентен финансиски сектор“, истакнуваат организаторите.
Од вештачка интелигенција до нови модели на финансирање
Во текот на дводневната програма, преку панел-дискусии, работилници и експертски сесии, MicroBalkans 2026 ќе отвори дел од најактуелните прашања што ја определуваат иднината на финансискиот сектор.
Во фокусот ќе бидат дигитализацијата на кредитирањето, примената на вештачката интелигенција и новите технологии, пристапот до капитал, новите модели на финансирање за микро, мали и средни претпријатија, регулаторните промени на европско ниво и одговорното дигитално задолжување.
Еден од важните фокуси ќе биде финансиската инклузија – како финансиските услуги да станат подостапни и како микрофинансирањето, во соработка со банкарскиот сектор, може да придонесе за развојот на претприемништвото, малите бизниси и локалните економии.
Скопје како точка на регионалниот финансиски дијалог
MicroBalkans 2026 има амбиција да биде простор на кој регионалното искуство ќе се сретне со европските финансиски трендови и во кој различните делови од финансискиот екосистем ќе можат директно да разговараат за конкретни решенија, партнерства и идни модели на соработка.
Конференцијата е наменета за претставници на небанкарските финансиски институции, микроекредитните институции, штедилниците, банките, микро, мали и средни претпријатија, финтек и ИТ компании, инвеститори, развојни финансиски институции, регулатори и други релевантни чинители.
MicroBalkans 2026 не е само конференција за финансискиот сектор. Тоа е регионална платформа за креирање на иднината на кредитирањето – поинклузивна, подигитална, поодржлива и подобро поврзана со европскиот финансиски пазар.
Пријавувањето за учество е отворено. За повеќе информации, програмата и регистрација, заинтересираните можат да ја посетат официјалната веб-страница на MicroBalkans 2026 и официјалните профили на конференцијата на социјалните мрежи.


