Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Коридорот 8 станува реалност: Новата железница отвора економски и транспортни перспективи

По повеќе од три децении најави и застои, железничкото поврзување на Македонија со Бугарија влегува во фаза во која проектот добива и конкретна финансиска конструкција и јасен план за реализација. Третата делница од Коридорот 8, од Крива Паланка до бугарската граница, е еден од најзначајните инфраструктурни проекти што треба да ја промени позицијата на земјата во регионалниот транспорт.

Делницата е долга 22 километри, но нејзината изградба претставува сериозен инженерски предизвик. Повеќе од 60 проценти од трасата ќе минува низ тунели, мостови и вијадукти, предвидени се 21 тунел со вкупна должина од 7,8 километри и 52 мостови и вијадукти со должина од околу пет километри. Пругата треба да биде целосно електрифицирана и опремена со современи системи за сигнализација, телекомуникации и далечинско управување.

Според владата, економското значење на проектот е многу поголемо од самата изградба на пругата. Најавите се дека со поврзувањето со Бугарија Македонија добива директен пристап до источниот дел на Коридорот 8, односно транспортна врска која треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море. Тоа создава можност за побрзо движење на стока и луѓе, полесен пристап до регионалните пазари и поголема интеграција во европските транспортни текови.

Важен аспект е и тоа што проектот повеќе не се гледа како изолираната македонска делница. Со договорот со Бугарија за заедничка изградба на граничниот тунел и заложбата за модернизација на продолжението кон Софија, се создава услов железничката врска да биде функционална целина, а не инфраструктура која завршува на границата.

За реализацијата на третата делница владата најави дека веќе е обезбедена значителна финансиска поддршка односно грант од 149 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и кредити од по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, а се подготвува и заедничко барање со Бугарија за европски грант за граничниот тунел.

Според владата, ефектите од инвестицијата се чувствуваат и пред завршувањето на пругата. Затоа што станува збор за проект кој ќе ангажира градежна оператива, инженери и други компании, а неговата реализација може да создаде дополнителна активност во градежниот сектор и пошироко во економијата.

Паралелно, се планира и продолжување на модернизацијата на Коридорот 8 во западниот дел, вклучително и модернизација и електрификација на делницата Скопје–Гостивар. За делот Гостивар–Кичево–Струга–границата со Албанија останува потребата од внимателно усогласување на трасата со препораките на УНЕСКО, особено поради заштитата на Охридско-струшкиот регион.

Затоа, развојот на железничката инфраструктура може да се гледа како многу повеќе од транспортна инвестиција. Функционален Коридор 8 би значел подобра регионална поврзаност, поефикасен транспорт на стоки, нови можности за бизнисот и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.

По години во кои железницата кон Бугарија беше симбол за недовршена инфраструктура, проектот сега влегува во фаза во која главниот предизвик повеќе не е само обезбедувањето средства и документација, туку реалната изградба. Токму од брзината и квалитетот на реализацијата ќе зависи дали Коридорот 8 ќе стане вистински економски коридор за Македонија, а не само уште еден инфраструктурен проект.