Ако мислите дека летото е сезона само за ладна лимонада, сенка и одмор од работата, време е за мало изненадување. Летото може да биде одличен период за садење, под услов да се изберат вистинските растенија и да им се даде вистинската грижа. Од Градинарскиот центар Фоја велат дека најважни се три работи: растението да биде соодветно за одбраната позиција, да биде контејнерско, односно одгледано во саксија, и по садењето редовно да се наводнува директно во коренот.
Летни фаворити: растенија што сакаат сончеви позиции и малку внимание
Кога температурите растат, градината не мора да мирува. Напротив, токму тогаш некои растенија изгледаат најубаво. Меѓу омилените избори за летно садење кај нас се лавандата, рузмаринот и жалфијата — медитерански херои кои преферираат отворени површини изложени на директно сонце, декоративни преку целата година, корисни во кујната и домот, одбиваат комарци и внесуваат природни мириси и свежина во дворот или на терасата.
Декоративните треви се одлични за оние што сакаат природен и во исто време модерен изглед и “движење во просторот”, додека зимзелените грмушки и покривачите се практични за градини што треба да изгледаат богато во текот на целата година.
За љубителите на цветна драма, летото е идеално за растенија што носат боја и карактер: хортензии за романтичен ефект, индиски јоргован за впечатлива летна сцена, украсни треви за природна елеганција и ароматични билки за оние што сакаат градина која не само што изгледа убаво, туку и мириса прекрасно.
Најдобрата вест е што контејнерските растенија, односно растенијата одгледани во саксија, лесно го поднесуваат пресадувањето бидејќи нивниот корен останува неоштетен.
Во Фоја, сите растенија се контејнерски, што ги прави погодни за садење и во летниот период. Тоа значи дека не мора да чекате есен за да го освежите дворот, балконот или терасата, доволно е да изберете правилно растение и да го посадите паметно.
Кога се сади во лето? Кога и Вам би ви било пријатно надвор
Најдобро време за садење е рано наутро или доцна попладне, кога температурите се пониски, а сонцето не е во полна сила. Едноставно правило: ако вам ви е премногу жешко да стоите надвор со лопата во рака, и растението веројатно би сакало да почека уште неколку часа. Со садење во „помеките“ делови од денот, растението добива подобар старт и повеќе време да се прилагоди на новата средина.
Наводнување: разликата меѓу „ќе преживее“ и „ќе ужива“
Најчестиот страв кај летното садење е сушењето. Но, решението не е да се откажете од садење, туку да полевате правилно. Новопосадените растенија треба да се наводнуваат обилно и директно во коренот: секојдневно во првата недела, а потоа два до три пати неделно до крајот на септември. Површински навлажнета земја не е доволна, важно е водата навистина да стигне таму каде што растението ја бара најмногу – во коренот.
Мал трик со голем ефект: прекривка околу коренот
Издробена дрвесина или кора од дрво – мулч, камчиња, па дури и слама можат многу да помогнат во летните месеци. Прекривката од споменатите материјали нанесена околу ново посадените растенија ја задржува влагата подолго во почвата, ги штити корењата од прегревање и го намалува растот на плевелите. Со други зборови, ова е едноставен начин растението да добие мала „летна сенка“ таму каде што му е најпотребна, околу коренот.
Заклучок: летото не е пауза за градината, туку шанса за нов почеток
Митот дека „во лето не се сади“ одамна заслужува да оди во пензија. Вистината е дека летото бара малку повеќе внимание, но за возврат нуди брзи резултати, многу боја и можност просторот веднаш да добие нов живот. Растенија може да се набават од многу места, Но во Градинарскиот центар Фоја посетителите добиваат информации и препораки кои растенија се најсоодветни за предметната позиција, како правилно да ги посадат и како да ги негуваат во првите недели. Затоа, ако Вашиот двор или балкон изгледаат празно? Како да им недостига малку свежина, можеби токму летото е вистинскиот момент да засадите нешто ново.


