Словачкиот парламент денеска усвои законски измени со кои се укинува можноста граѓаните што живеат во странство да гласаат по пошта на парламентарните избори. Наместо тоа, гласањето ќе се организира во словачките дипломатско-конзуларни претставништва.
Законските измени беа усвоени со 79 гласа „за“ и 71 „против“. Според словачката државна новинска агенција ТАСР, предвидено е новите правила да почнат да се применуваат од 1 јануари 2027 година.
Владејачкото мнозинство го брани предлогот како начин за спречување можни злоупотреби, додека опозициските партии сметаат дека укинувањето на гласањето по пошта ќе им го отежне учеството на граѓаните што живеат далеку од амбасадите. Најавена е можност измените да бидат оспорени пред Уставниот суд.


