Centar.mk
СВЕТ

Американска проценка: Руска акција против НАТО е можна до 2029 година

Американските разузнавачки служби проценуваат дека рускиот претседател Владимир Путин во следните неколку години би можел да се обиде да ја тестира решителноста на НАТО со ограничен напад врз некоја од земјите членки, објавуваат Си-ен-ен и „Волстрит журнал“.

Во проценките се разгледуваат повеќе можни сценарија – од кибернапади и хибридни операции до помал воен упад со кој Москва би се обидела да го тестира единството на Алијансата и подготвеноста на членките да го активираат членот 5 за колективна одбрана.

Според американските проценки, веројатноста за директен воен упад засега е мала, но би можела да расте. Извор запознаен со проценките изјавил за Си-ен-ен дека, доколку Путин се одлучи за ескалација, најверојатни цели би биле балтичките земји или Полска.

САД претходно проценувале дека Путин нема намерно да предизвика земја членка на НАТО додека трае војната во Украина, но според „Волстрит журнал“, оваа проценка се променила на почетокот на годинава.

Американските разузнавачки проценки можната руска акција ја сместуваат во периодот од оваа есен до 2029 година. Целта не мора да биде започнување голема војна, туку создавање ситуација во која членките на НАТО ќе мора да одлучат дали руската акција претставува напад што бара заеднички одговор.

НАТО не ги коментираше доверливите американски проценки.

„Секогаш разгледуваме и се подготвуваме за различни сценарија. НАТО ја следи ситуацијата и подготвени сме да одвратиме и да се браниме кога е потребно“, изјави портпаролот на НАТО, Мартин О’Донел./Извор:Makfax