Centar.mk
СВЕТ

Лавров до Рубио: Неприфатливо е да се продолжи со испраќање оружје во Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го предупреди својот американски колега Марко Рубио за време на состанокот во главниот град на Филипините, Манила, за „неприфатливото продолжување на испраќањето оружје во Украина“, соопшти руското Министерство за надворешни работи во четврток.

Прва средба од септември

Оваа прва средба меѓу двајцата дипломати од септември 2025 година се одржа на маргините на состанокот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) на Филипините и се случи во време кога американските напори за посредништво во мировните преговори меѓу Киев и Москва се заглавени откако започна војната на Блискиот Исток кон крајот на февруари.

Во разговор со својот американски колега за прашањето на Украина, Лавров „нагласи дека е неприфатливо да се продолжи со испраќање оружје до режимот во Киев“, се вели во соопштението на руското министерство.

Рускиот министер за надворешни работи, исто така, ја критикуваше „дестабилизирачката политика на европските земји кои продолжуваат да се обидуваат да ѝ нанесат „стратешки пораз“ на Русија“, според истото соопштение.

Москва подготвена за дипломатско решение

Лавров повтори дека „руската страна е подготвена за политичко и дипломатско решение на конфликтот“.

За време на состанокот, кој траеше повеќе од половина час, беше договорено да се продолжат контактите меѓу двете министерства за надворешни работи, вклучително и соработката во рамките на меѓународните организации. Според дипломатски извор, иницијатор на состанокот била американската страна, објавија руските медиуми./Извор:Makfax