Ковчезите со останките на убиениот врховен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи и неколку членови на неговото семејство се изложени во Техеран, додека Иран се подготвува за погребни поворки за кои се очекува да привлечат милиони луѓе од 4 до 9 јули.
Хамнеи и членовите на неговото семејство беа убиени кон крајот на февруари во раните фази од војната меѓу Иран и САД и Израел.
Иранските државни медиуми објавија дека меѓу оние што се изложени во Големата џамија Имам Хомеини во Техеран се и телата на зетот на Хамнеи, Месбах-ол-Ходе Багери, најстарата ќерка Сеједе Бошре Хосеини Хамнеи, снаата Захра Хадад Адел и 14-месечната внука Захра Мохамади Голпајгани. Сите ковчези се обвиткани со иранското знаме, а фотографија од девојчето е прикажана пред ковчегот со големина на бебе, објави Си-Ен-Ен.
Главното прашање пред погребот е дали Моџтаба Хамнеи, новиот врховен лидер и син на убиениот ајатолах, ќе се појави за да предводи молитва за својот татко. Се верува дека Моџтаба бил сериозно ранет во истиот напад во кој беа убиени неговата мајка и сопруга. Тој се крие од почетокот на војната, комуницирајќи со своите поддржувачи само преку писмени изјави. Неговото појавување би било прво јавно и би помогнало да се зацврсти неговиот легитимитет во земјата. Од друга страна, неговото отсуство ќе покрене сомнежи за неговото здравје и ќе го отвори прашањето кој навистина ја води земјата. Во среда, лидерот дури и не се појави на приватна церемонија за неговата покојна сопруга.
Исламската Република веројатно би го оправдала неговото отсуство како неопходна безбедносна мерка, но тоа само би го продлабочило скептицизмот во врска со неговото здравје и способноста да ја води земјата. Кога беше прашан за присуството на Хамнеи, Али Акбар Пурџамшидијан, раководителот на телото што го организира погребот, даде нејасен одговор: „Ова прашање не е во наша надлежност и одлуката е исклучиво на канцеларијата на Врховниот лидер“.
Дипломатските активности се привремено прекинати додека Техеран се подготвува за погребот. По два дена индиректни разговори меѓу САД и Иран, иранските претставници ја напуштија Доха. Катар, клучен посредник, изјави дека е постигнат позитивен напредок и дека разговорите ќе продолжат по погребот. Не е сосема јасно што се дискутирало.
Иранските претставници велат дека темата била одмрзнатите ирански средства, додека „Аксиос“ објави дека американските претставници се обидуваат да го убедат Иран да не воведува царини за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец.
Тензиите меѓу САД и Иран остануваат високи. Иран издаде ново предупредување до бродовите да се држат до рутите одредени од Техеран во Ормускиот теснец и ги предупреди САД и Израел да не вршат напади за време на погребот. Во меѓувреме, Централната команда на САД објави дека уште една морска експедициска сила, која вообичаено брои повеќе од 2.000 маринци, сега дејствува на Блискиот Исток. Таа се придружува на амфибискиот јуришен брод „УСС Триполи“ и неговата придружба, кои се во регионот од крајот на март./Извор:Makfax


