Centar.mk
КУЛТУРА

Двете книги со драми од Дејан Дуковски во издание на „Арс Ламина“ премиерно на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Во рамките на фестивалот „Војдан Чернодрински“, на 7 јуни (недела), во 18 часот ќе се одржи промоција на двете книги со драми во издание на „Арс Ламина“, на еден од најзначајните македонски драмски автори – Дејан Дуковски.

На настанот, кој ќе се одржи во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, покрај Дуковски ќе се обратат и уредничката на книгите Оливера Ќорвезироска и Ана Стојаноска (директорка на фестивалот „Војдан Чернодрински“), која е и авторка на поговорот.

Изданијата, насловени „ДРАМИ – Книга 1“ и „ДРАМИ – Книга 2“, се објавени во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, под импринтот „Арс Либрис“.
Во првата книга се застапени драмите: „Балканот не е мртов“, „Буре барут“, „Маме му ебам кој прв почна“, „Другата страна“ и „Празен град“. Во неа има и впечатлив предговор од Слободан Унковски, нашиот истакнат режисер, кој тесно соработува со Дуковски уште од неговите почетоци.

Втората книга ги содржи: „Утерус“, „Изгубени Германци“, „Дух кој оди“, „Последниот балкански вампир“ и „Црно злато (Опиум или Пари)“ – најновиот драмски текст на Дуковски, кој годинава ја имаше својата праизведба во Белград, а до крајот на годинава ќе биде поставен и на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје.
Дејан Дуковски (1969, Скопје) е драматург, драмски писател и сценарист. Дипломирал драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Горан Стефановски. Неговите драми, меѓу кои: „Буре барут“, „Балканот не е мртов“ и „Маме му ебам кој прв почна“, се поставувани на повеќе од сто сцени низ светот и се преведени на многу јазици, што го прави најизведуваниот македонски драмски автор.

Двете книги „ДРАМИ“ претставуваат значаен придонес за македонската книжевна и театарска сцена – можност новите генерации да го откријат, а постарите читатели одново да му се навратат на еден од најмоќните драмски гласови кај нас.

Книгите, кои веќе се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk, ќе може да се набават и за време на настанот во НУЦК „Марко Цепенков“.

Можеби ќе ве интересира

Книжевно-уметничка средба во рамки на проектот „Читај ја Македонија!“ на Олга Панкина (4 јуни 2026, Центар за словенски култури, Москва)

ДЕСК

Промоција на новиот роман „Понекогаш се враќаат“ од Димитрие Дурацовски

ДЕСК

Култниот MTV Unplugged концерт на Нирвана добива нов живот на сцената на Драмски театар

ДЕСК