Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Благ раст на довербата во институциите и задоволството од работата на Собранието

Задоволството на граѓаните од работата на Собранието бележи континуиран раст трета година по ред, покажува најновото истражување на Швајцарската Програма за парламентарна поддршка, насловена „Поглед на Собрание: Перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (2026)”.

Граѓаните ја оценуваат работата на Собранието со средна оцена 2,7 на скала од 1 до 5 – во споредба со 2,5 во 2025 и 2,3 во 2024 година. И покрај позитивниот тренд, оценката и натаму останува под средната вредност, што укажува дека очекувањата од Собранието во претстојниот период остануваат високи.

Истражувањето покажува умерен раст на довербата на граѓаните кај најголем дел од институциите во последните две години.

Довербата во Собранието бележи раст – од 4,6 во 2025 на 4,8 во 2026 година на скала од 1 до 10. Највисока доверба граѓаните и натаму имаат во војската и верските заедници, со оцени од 6,0 и 5,9, додека судството и јавното обвинителство остануваат на дното со 3,5 и 3,6.

Надзорната улога на Собранието и натаму се издвојува како најслаба алка во перцепциите на граѓаните. Испитаниците почесто сметаат дека Владата има поголемо влијание врз Собранието отколку што Собранието ефективно ја контролира извршната власт, а покрај пратеничките прашања ретко препознаваат други обиди за надзор. Ова укажува на потреба од поголема видливост, поефикасно користење и подобро комуницирање на надзорните механизми.

Позитивно поместување се забележува и во однос на перцепцијата за насоката во која се движи државата. Во последните две години расте уделот на граѓани кои сметаат дека животот во Северна Македонија се движи во правилна насока – од 17% во 2024 година на 28% во 2026 година. Сепак, мнозинството граѓани, односно 51%, и понатаму сметаат дека државата се движи во погрешна насока, што покажува дека оптимизмот расте, но останува кревок.

Истражувањето „Поглед на Собрание: Перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (2026)“ е нарачано од Националниот демократски институт (НДИ), а теренски спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), како дел од Програмата за парламентарна поддршка, проект на Владата на Швајцарија, имплементирана од Националниот демократски институт (НДИ), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

Можеби ќе ве интересира

Јанчев: Дали планирате да воведете институција „родител-негувател“ за децата со попреченост?

ДЕСК

Битиќи: 11 милијарди евра нов долг, ја туркате државата во провалија со задолжувањето

ДЕСК

Мицкоски: И во јунскиот извештај ќе бидеме пред фронтранерите за реформската агенда, а како влада нема да дозволиме дополнителни буџети за правосудството со резултати кои не враќаат назад

ДЕСК