Во тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа на скопската обиколница, во близина на Радишани, животот го загубиле четири лица. Несреќата, според првичните информации, се случила околу половина час пред полноќ, кога патничко возило „БМВ“ директно се судрило со камион. По ударот, автомобилот се запалил и целосно изгорел.
Поради трагичниот настан, сообраќајот на патниот правец Велес – Тетово бил пренасочен од клучката Мирковци до клучката Приштина. Скопската обиколница била затворена речиси шест часа, а движењето на возилата било нормализирано утринава околу 05:30 часот.
На местото на несреќата веднаш интервенирале полициски екипи, противпожарната служба и Итната медицинска помош. Во текот на ноќта бил извршен увид од страна на надлежните истражни органи. Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи за идентитетот на загинатите лица.
МВР се очекува да се огласи во секој момент.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


