Русија ноќеска започна еден од најголемите напади во последните денови, насочен кон осум украински региони со десетици ракети и повеќе од 500 дронови. Според локалните власти, повеќе од дваесетина цивили, вклучувајќи три деца, биле ранети во нападите, објавува „Еуроњуз“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека властите регистрирале најмалку 524 дронови „Шахед“ од иранско производство и речиси дваесетина балистички и крстосувачки ракети истрелани од Русија преку ноќ од понеделник до вторник. Според официјални лица, градот Днепар и околниот централен регион на Украина биле најтешко погодени.
Ескалација по краткото примирје
Нападот следува по неодамнешната серија напади со долг дострел кои се интензивираа по примирјето од 9 до 11 мај. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во тоа време дека побарал од Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин да го почитуваат примирјето со надеж дека тоа може да доведе до долгорочен мир, но тоа имаше мал ефект.
И покрај американските дипломатски напори, нема индикации дека е на повидок мировен договор. Руските напади низ Украина во последните денови, главно насочени кон станбени области, убија десетици луѓе. Меѓу нив, според украинските власти, 24 лица загинале во станбена зграда во Киев.
Од друга страна, во еден од најголемите украински контранапади во последните денови, најмалку четири лица беа убиени во Русија, од кои три во близина на Москва, а десетина беа ранети, објавија руските власти во неделата./Извор:Makfax


