Претседателот на Кина, Си Џинпинг, повика на зајакнување на стратешката координација меѓу Кина и Русија со цел да се заштитат легитимните интереси на двете земји и да се поддржи единството на земјите од глобалниот Југ.
Тој ова го изјави за време на средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во Пекинг, нагласувајќи дека стабилноста и безбедноста на односите меѓу двете земји имаат посебно значење во „променливата и турбулентна“ меѓународна ситуација, пренесе Синхуа.
Си истакна дека Кина и Русија треба да: ја зајакнат мултилатералната соработка, го поддржат мултилатерализмот и
заеднички да работат на зајакнување на авторитетот и виталноста на Обединетите нации.
Според него, сеопфатното стратешко партнерство и координација меѓу двете земји остануваат на високо ниво, а соработката во различни области дава позитивни резултати.
Си повика двете страни дополнително да ја продлабочат стратешката соработка и да ја унапредат дипломатската координација со цел партнерството да се издигне на повисоко ниво.
„Сеопфатното стратешко партнерство и координација меѓу двете земји одржаа високо ниво на развој, а соработката во сите области даде плодни резултати“, рече Си.
Тој исто така нагласи дека двете земји треба да ги искористат добрососедските односи и комплементарните предности за да ја продлабочат соработката и да поттикнат одржлив развој.
Си додаде дека Кина и Русија треба да ja негуваат меѓусебнaта доверба, да си даваат поддршка и да работат на заеднички развој, како и да ги спроведуваат важните договори постигнати меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.
Тој повика и на блиска соработка во рамки на меѓународни организации како Шангајската организација за соработка и БРИКС, со цел придонес кон создавање поправеден и порационален меѓународен поредок./Извор:Makfax


