Генерално се чисти општина Кисела Вода. Акцијата која започна вчера во УЗ „11 Октомври – бараки“, денеска продолжи на подрачјето на УЗ „11 Октомври -згради“, каде што екипите работат на темелно уредување на јавните површини, информираат од општината.
На терен, како што додаваат, се ангажирани околу 30 сезонски работници, обезбеден е целокупниот потребен алат и механизација, како и специјализирани возила за метење и чистење на улиците. Во спроведувањето на акцијата активно учествуваат и претставници од Советите на урбаните заедници, што овозможува подобра координација и поефикасно реализирање на зафатите.
Со чистењето се опфаќаат улиците, тротоарите и заедничките јавни површини, со цел создавање почиста, поуредна и поздрава животна средина за жителите.
„Паралелно со ова, на повеќе локации низ општината се спроведуваат и активности за уредување на парковските површини, каде што се собираат наталожените паднати лисја, карактеристични за овој период од годината. За таа намена се ангажирани дополнителен број сезонски работници и соодветен алат, со што парковите целосно се средуваат и се подготвуваат за користење од страна на граѓаните.
Акцијата за генерално чистење продолжува и во наредниот период. Во понеделник екипите ќе работат на подрачјето на УЗ „Кисела Вода“, по што секој ден ќе се спроведуваат активности во по една месна или урбана заедница, сѐ додека темелно не бидат исчистени сите населби и населени места на територијата на општина Кисела Вода“./Извор:Makfax


