Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ги презентираше реформските процеси на состанокот на секторската работна група за здравство, што се одржа во Владата.
– Здравството претставува темел на стабилно, просперитетно и демократско општество. Нашата заедничка цел е да изградиме модерен, одржлив и европски здравствен систем – систем кој ќе биде ефикасен во превенцијата, навремен во дијагностиката, квалитетен во лекувањето и подеднакво достапен за сите граѓани. Продолжува тековната имплементација на ИПА II и ИПА III проектите, напредокот на националниот систем за трансплантација, како и реализацијата на инфраструктурните инвестиции во здравствениот сектор, рече во обраќањето министерот Алиу.
Тој посочи дека Министерството финализираше и усвои повеќе стратешки документи со долгорочно значење за јавното здравје, меѓу кои Стратегијата за ретки болести, како прв системски документ кој поставува јасни цели за дијагностика, третман и поддршка на пациентите и нивните семејства, Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје, која го зајакнува пристапот до квалитетни, инклузивни и правично достапни услуги за сите категории население и Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025–2030, кој претставува современ, превентивен и интерсекторски документ подготвен во согласност со европските стандарди и препораките на ЕК и СЗО
На состанокот учествуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и Светска Банка, чија поддршка е од исклучително значење за унапредување на здравствениот систем и за негово усогласување со стандардите на Унијата.
-Ова е јасен доказ за заедничката определба за системско унапредување на здравствениот сектор и за поддршка на реформските процеси што нашата држава ги спроведува на патот кон Европската Унија, истакна Алиу.
фото Министерство за здравство
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


