Од март минималната плата ќе изнесува 26.600 денари, што е зголемување од околу 2.000 денари во однос на сегашната. На хартија, ова покачување изгледа како чекор напред за околу 80 илјади работници што земаат минимална плата. Во реалноста, меѓутоа, прашањето што сè почесто се поставува е дали ваквото зголемување воопшто ја следи динамиката на животните трошоци.
Инфлацијата измерена во ноември 2025 година изнесува 4 проценти во споредба со истиот месец минатата година, но за граѓаните таа бројка често изгледа многу повисока кога ќе застанат пред каса во маркет или ќе ги платат месечните сметки.
Што всушност значат 2.000 денари повеќе?
Со зголемувањето од 2.000 денари, минималната плата се зголемува приближно колку што чини едно поголемо пазарење за неколку дена. Во изминатата година, цените на храната, парното, огревното дрво и кириите во некои градови пораснаа далеку повеќе од официјалната стапка на инфлација.
Според пресметки на работничките синдикати, само основна потрошувачка кошничка за четиричлено семејство надминува 60.000 денари месечно, што значи дека една минимална плата покрива помалку од половина од реалните животни трошоци.
Реалноста зад бројките
Граѓаните кои живеат од минимална плата велат дека и новото зголемување ќе „се стопи“ уште во првите десетина дена од месецот.
„Цените растат секој месец, а платата еднаш годишно. Со тие 2.000 денари ќе платам струја или вода, и ништо повеќе“, вели Елена од Скопје.
Во помалите градови, ситуацијата не е многу поразлична.
„Живеам во Кочани, но и тука храната не е поевтина. Платата оди на сметки и лекови, за храна останува колку да се преживее“, вели Горан од Кочани.
Од Тетово, Арбен посочува дека покачувањето не ги покрива ниту новите ценовни шокови.
„Киријата ми се зголеми за 3.000 денари за една година. Минималецот порасна за 2.000. Математиката е јасна“, вели тој.
Инфлација што најмногу ги погодува сиромашните
Иако официјалната инфлација е 4,1 проценти, таа не ги погодува сите еднакво. Најмногу растат токму трошоците што учествуваат најмногу во буџетот на домаќинствата со ниски примања – храната, енергијата и превозот.
Економистите предупредуваат дека вакви услови дополнително ја намалуваат куповната моќ на оние со најниски приходи, дури и кога номинално платите растат.
„Минималната плата реално треба да расте побрзо од инфлацијата за да има ефект. Во спротивно, граѓаните имаат чувство дека тапкаат во место“, објаснува Божидар од Битола, кој работи во трговски сектор.
Преживување наместо стандард
За многумина, минималната плата и понатаму не значи пристоен живот, туку чисто преживување. Дел од работниците се потпираат на втори работи, помош од семејството или задолжувања за да го истуркаат месецот.
„Ако немаш уште еден приход во семејството, со минималец си постојано во минус“, вели Марина од Велес.
Заклучок без оптимизам
Иако зголемувањето на минималната плата е позитивен сигнал, во услови на континуирани поскапувања и раст на животните трошоци, дополнителните 2.000 денари тешко дека ќе значат вистинско подобрување на животниот стандард. За голем дел од граѓаните, тие ќе бидат само уште една бројка што нема да ја стигне реалноста на секојдневието.
Да потсетиме дека минималецот во Албанија и Србија порасна над 500 евра изминатиот период, а во Македонија во моментов се исплаќа минимална плата од 400 евра.


